Лошото планирање, урбанистичкиот хаос и спрегата со инвеститoрите се сериозен проблем во општина Ѓорче Петров, вели Александар Стојкоски поранашен член на советот

По професија е доктор – специјалист, рентгенолог, аматерски се занимава со спорт и веќе подолго време е во политиката на локално ниво.  Во изминатиот период беше член на советот на општината  Ѓорче Петров, а  активно ги следи политички случување и состојби и често на социјалните мрежи објавува свои ставови и мислења за истите.  Денес за прашањата на актуелни теми поврзани со општината Ѓорче Петров разговараме со Александар Стојкоски.

На самиот почеток Стојкоски вели дека Ѓорче Петров е една од најстарите скопски населби, сега општина, со сопствени карактеристики и лик кој претрпел значајни промени низ времето.

Секое време носело нови предизвици и потребите на граѓаните се менувале, популацијата на население постојано е во пораст , а исто така и дисперзирањето и градежната експанзија по цела територија. Најголемиот предизвик во урбанизацијата е да се задоволат потребите на граѓаните за целосно функционално домување од една страна и просторните услови и бројот на содржините што може да се вклопат во истиот простор, вели Стојкоски.

Тој потенцира дека за жал изминативе години сме сведоци на класично незапазување на постапките за носење на ДУПови и нормално е после носење на такви насилни акти да има граѓанска реакција и тоа е за поздравување, затоа што граѓаните се свесни и многу подобро ги познаваат проблемите со кои подоцна се соочуваат. Преголема концентрација на урбанизација во централниот дел, а добар дел не искористен простор во периферните делови на општината, кој се претвара во депонии секојдневно, останува не испланиран и урбанизиран, иако можеби го имаме најубавиот дел од Скопје за планиран развој и модерна целина.

На прашањето кој е најголемиот урбанистички проблем во општина, Стојкоски вели дека нерамномерниот развој на подземната инфраструктура, водовод, канализација, со изградените објекти се сериозен проблем.

Не е возможно на капацитетот кој е постоен да се приклучат стотици нови стабени објекти, а да нема последици по квалитетот на снабдување со вода, струја, а во одредени делови веќе сериозни проблеми има со канализациската мрежа, додава тој.

Вели дека граѓаните протестираат со право, затоа што во најголем дел досега се излегуваше во пресрет само на потенцијалните инвеститори, што остава голем простор за сомнеж дека постои спрега локална власт, градоначалник со инвеститорите, на штета на локалното население.

Стојкоски вели дека во општината не се планираат доволен број на функционални, рекреативни содржини, а и постоечките не се одржуваат доволно.

Погледнете ја ситуацијата со детските игралишта, со години се запуштени и не обновени. Ние немаме едно единствено уредено детско игралиште што не е опасно по живот, дали од аспект на не функционални реквизити или од не хигиена. Во тој дел мораме малку и ние како граѓани да земеме иницијатива и повеќе да внимаваме на она што веќе е изградено, но сепак импулсот мора да дојде од локалната самоуправа, заклучува тој на оваа тема.

Го прашавме и за зеленилото во општината и според него, кои промени се неопходни на локално ниво.         

На Ѓорче Петров му е потребна суштинска промена во насока на формирање функционални единици, кои нема да бидат само површини засадени со трева и дрвја, тука вистински оплеменети интегрирани единици каде што ќе има простор за спортување и рекреација и современи игралишта за деца, дециден е Стојкоски.

 Само на тој начин ќе се постигне целосен ефект и социјалната компонента ќе биде задоволена, а под тоа подразбирам да направиме места кои ќе бидат собиралишта на луѓе со ист интерес, без разлика дали се тоа родители со мали деца или пак група на граѓани кои сакаат активно да рекреираат, додава тој.

Вели дека Ѓорче Петров мора да има современ outdoor спортски терен со трим патека во урбаниот дел, барем еден, а погледнете само во околината на Ѓорче, еве ќе ја спомнам дивата депонија во Ново Село, која од ден на ден се зголемува и го загадува просторот, постојат решенија со кои тој дел може да блесне во нов сјај и да понуди сериозна содржина за спорт и рекреација.

Додава дека селото Кучково е  бисер со комплетно неискористен капацитет за планинско трчање и пешање, неоправдано запоставен, руиниран.

Иако на тој потег изградивме асфалтен пат до самиот крст и просторот околу крстот го оплеменивме, денес за жал и од таму гледаме слики на заспустеност и неодржување. Капацитетот за спорт на планината Жеден е многу поголем од тој на Водно и со посебен ангажман може да биде вистински погодок за развој на тој дел од Ѓорче Петров, заклучува тој.

Го прашавме Стојкоски и за спортот и рекреацијата во Ѓорче Петров. 

Главниот проблем го гледам во незаитересираноста на локалната самоуправа за развој на содржини од овој тип, вели тој.

Погледнете наназад само и ќе видите дека последните четири години нема изградено ниту еден објект за оваа намена. А повеќе загрижува што предходно изграденети три мултифункционални игралишта на Социјалистичка Зора, во Даме Груев на последна стара 22ка, кај надвозникот во Даме Груев, стадионот во Волково, тениските терени во оу Мирче Ацев, не се одржуваат и за жал се во фаза на распаѓање, додава Александар.

Имаме идеални услови за спорт долж течението на реките Вардар и Лепенец и во с. Кучково, како главни локации за outdoor спортови со можност да прераснат во тренинг центри за колективни спортови . Јас лично аматерски се занимавам со велосипедизам, трчање и планинарење и верувам дека тие спортови се достапни за скоро секој еден поединец , само треба да се даде еден позитивен импулс со развој на основната инфраструктура, заклучува Стојкоски.