Локален совет за превенција на општина Илинден: Конкретни мерки за поголема безбедност во сообраќајот

Во конференциската сала на Домот на култура „Илинден“ се одржа работен состанок на Локалниот совет за превенција на општина Илинден.

На дневен ред на Советот со кој претседаваше градоначалникот Жика Стојановски беше безбедноста во сообраќајот и воспоставувањето на механизми за подобрување на квалитетот на живот во локалната заедница, како и разгледувањето на можностите за превентивна заштита и решавање на безбедносните проблеми во локалната заедица.

Покрај членовите на Локалниот совет за превенција што го сочинуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, претставници на Советот на општина Илинден, претставници на невладиниот сектор, на јавните претпријатија, на медиумите, на месните заедници и на локалната самоуправа, на работниот состанок присуствуваа и претставници од Советот на родители на училишните одбори од ООУ ”Гоце Делчев”, СОСУ ”Илинден” и ЈОУДГ ”Гоце Делчев”, претставници од бизнис секторот, како и претставници од Асоцијацијата на здружение на возачи (Мак Транс).

На состанокот беа разгледани повеќе теми од областа на безбедноста на сообраќајот за што беа донесени и соодветни заклучоци.

Како еден од поголемите проблеми во сообраќајот беше посочено транзитирањето на тешките товарни возила низ Општината кои значително влијаат на оштетувањето на патната инфрструктура, но и директно влијаат на безбедноста на учесниците во сообраќајот, на пешаците, а особено на учениците во централното подрачје на Општината. Притоа, и преку искажувањата од страна на овластените претставници на транспортните здруженија, но и од страна на претставниците на јавните општински установи, училиштата, градинката, Советот на родителите, заеднички беше потенцирано дека во идниот период, со воведување на одредени мерки, интензивно треба да се работи на подобрување на состојбата.

На состанокот, исто така, беше посочено дека треба да се спроведат превентивни мерки на полето на едукацијата, пред се во интензивирањето на соработката меѓу граѓаните, полицијата и локалната самоуправа. Како што беше посочено на состанокот, за ова многу ќе придонесе и отворањето на полициска канцеларија во општина Илинден, при што граѓаните за одредени проблеми ќе можат директно да се обратат на полициските службеници.

Отворањето на полициска канцеларија е прв чекор кон отворање на полициско одделение во општината, затоа што реално ова го налага и интензивниот локален економски развој на општина Илинден, каде што последниве години има голем прираст како на населението така и на бројот на стопански субјекти, што од своја страна налага и поголема присутност на службите на Министерството за внатрешни работи во насока на поголема безбедност во сообраќајот и воопшто во локалната заедница.