Локацијата во Ѓорче Петров најидеална за изградба на новиот клинички центар

Најидеална локација за изградба на новиот клинички центар е онаа во Ѓорче Петров блиску до обиколницата, а изградбата би требало да почне на крајот на оваа година.

Ова го најави министерот за здравство Венко Филипче на гостивањето во емисијата „Топ Тема“.

„Темелите на новиот клинички центар ќе бидат поставени на крајот на оваа година. Имаме три локации кај Злокуќани, во Ѓорче Петров и Петровец кои ги разгледа работна група во Министерството за здравство составена од експерти која ги бодуваше трите локации. Според работната група недостаток на локацијата во Злокуќани е што со експропријација ќе беше премногу скапо, во Петровец на понудената локација недостаток е што таа е многу блиску до Аеродромот, има многу прелети и земјиштето е мочурливо. Врз основа на применетата методологија од експертите најголема предност има локацијата во општина Ѓорче Петров, која е на идеално место веднаш до обиколницата, таму каде ружата на ветрови има чист воздух и никогаш не е замаглено и според таа методологија, оваа локација има најголеми шанси да биде местото каде ќе биде лоциран новиот клинички центар“, рече министерот Филипче.

Тој посочи дека веќе разгледуваат многу модалитети и дека има и готови проекти, а општината работи на утврдување на урбанистички план.

Според динамиката министерот очекува да почне градбата на крајот на 2019 година, а првиот пациент би бил примет за 4-5 години.