Лоба во благородна мисија за популаризација на книгата и поттикнување на читањето (ГАЛЕРИЈА)

Прекрасната Викторија Лоба, која освен што има исклучителен музички талент, врвни вокални способности и шарм кои ѝ се познати на јавноста од нејзините естрадни настапи, исто така е голем љубител на книгите и деновиве оствари соработка со Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, во обликувањето на насловната страница на новото списание „Издаваштво“ што ќе се објавува во функција на популаризација на книгата и поттикнување на читањето како активност што придонесува за надградба на личноста од секој аспект.

Викторија Лоба освен што ќе се појави на насловната страна, читателите исто така ќе можат во првиот број на списанието да прочитаат и какво значење има книгата во нејзиниот живот, колку и зошто ги сака книгите, кои книги и од кои автори, македонски и странски, ѝ оставиле посебен впечаток, дали според неа книгата е нешто што истовремено заведува и облагородува, зошто смета дека е важно да се чита итн. 

Списанието „Издаваштво“ ќе излезе од печат во втората половина на ноември и ќе биде дистрибуирано до сите градски библиотеки во Македонија и во повеќе странски национални и универзитетски библиотеки, а освен во печатен облик, ќе биде објавено и во електронски формат. Главен уредник е еден од најпознатите македонски поети Јовица Тасевски-Етернијан. 

Во прилог: Избрани фотографии од фотосесијата на Викторија Лоба во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, самостојно и заедно со главниот уредник на списанието.