Љутков: Универзална сала е преземена на незаконски начин, со бројни прекршувања, документацијата е во Обвинителството

На денешната прес-конференција, министерот за култура и туризам Зоран Љутков посочи дека Универзалната сала е преземена од Град Скопје на незаконски начин со бројни прекршувања на законските прописи во постапката за преземање и во постапките на спроведување на јавните набавки.

„По темелно и стручно прегледување на целокупната документација, процес кој траеше два месеци, Извештајот е готов и фактите потврдени од професионалци и искусни правници, вработени во Министерството за култура и туризам, говорат дека Универзална сала е преземена од град Скопје во Министерството за култура и туризам на незаконски начин, во постапка која е проблематична, со прекршувања на повеќе закони“ вели Љутков

Министерот додава дека е констатирано е дека склучениот договор од страна на Министерството за култура и Град Скопје има контрадикторни одредби, не е заверен на нотар, не содржи таксативно кои права и обврски се предаваат и што всушност се предава, а договорот и решението за реконструкција од 22 март годинава издадено од општина Центар, не се запишани во Катастарот на недвижности. На Министерството за култура не му биле пренесени во целост правата и обврските согласно закон (за втора фаза од реконструкцијата).

„Министерството за култура и туризам условно исполнил само еден од двата кумулативни законски услови предвидени во член 70 од Законот за градење, за да може да се стекне со статус на инвеститор, а тоа е: со склучување на посебен договор помеѓу претходниот и новиот инвеститор, да ги преземе правата и обврските кои претходниот инвеститор ги имал со учесниците во градењето, додека не го исполнил и вториот законски услов, а тоа е да биде носител на правото на градење, рече Љутков, додавајќи дека постапките по јавни набавки кои се распишани и спроведени од страна на поранешното раководство на Министерството за култура и туризам, имајќи ги во предвид констатираните недостатоци и пропусти во постапката Министерството за култура да има статус на инвеститор на реконструкцијата, се поништени“, рече министерот.

Љутков додаде дека целата документација е предадена на Основното јавно обвинителство и се надева дека истражните органи ќе постапат согласно нивните надлежности.