Љутков: Лично се залагам да се откочи случајот со Универзална сала

Министерот за култура Зоран Љутков вели дека неколку работни групи работат на случајот со Универзална сала се со цел да се олесни постапката за нејзино завршување. Министерот посочи дека се чека да поминат измените на Законот кој предвидува Министерството за култура и туризам освен националните установи, да може да гради и локални установи или градски установи.

„Верувајте дека работиме. Неколку работни групи работат на случајот. Јас лично се заложив, најголем дел од моето време го поминувам за откочување на тој процес. Во собраниска процедура е и помина на претходната седница на Влада измена на Законот, се надевам дека на крајот на месецот и ќе помине тој закон во Собрание“, рече Љутков.

Тој додаде дека имаат три до четири клучни точки кои го стопираат процесот, но се надева дека за брзо време истите ќе бидат откочени.

„Имаме уште три до четири клучни точки на коишто сме сопнати, но со тимот којшто го имаме и со којшто работиме се надевам дека за многу брзо време ќе ги откочиме. Верувајте, работиме многу експедитивно и многу брзо, но сепак тоа се некои административни процедури и задачи коишто ги даваме, а за кои треба да помине малку време додека да се пристапи до нив“, рече министерот.

На прашање дали ќе се заврши постапката до локалните избори, тој одговори дека се надева, бидејќи веќе се распишани тендерите.