
Министерот за култура Зоран Љутков ја нарече срамна прес-конференцијата на Синдикатот на културата, нарекувајќи ги тврдењата против него неточни и паушални.
Љутков одржа прес-конференција откако Синдикатот за култура му поднесе кривична пријава, на која нагласи дека не прекршил никаков закон и дека секогаш како министер бил „на страната на учесниците во културата и се залагал за заштита на нивните права“.
„Никогаш не сум постапувал самоволно, ниту сум ускратил законски загарантирани работнички права. Сите одлуки што ги носам се во согласност на законските рамки и со принципот на еднаков третман за сите вработени во културниот сектор. Тврдењата за злоупотреба на службената положба се целосно неосновани и неточни. Ниту во еден момент не сум попречил остварување на никакво работничко право загарантирано со Устав и со закон. Напротив, мојата обврска е да обезбедам систем каде што правилата важат еднакво за сите, без привилегии и без исклучоци“, рече министерот.
Тој објасни дека во државата се применува општ колективен договор за јавен сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор со утврдена пресметка на плата.
„Општиот колективен договор предвидел покачување на платите во јавниот сектор за 10% од месец септември 2023 година. Во таа смисла, заради усогласување од страна на Министерството за култура, било понудено склучување анекс на колективниот договор што синдикатот го одбил. Денеска на прес-конференција слушнавме дека такво нешто не било понудено. Јас го имам овде кај мене документот. Па сега синдикатот тужи за пресметка на плати според начин кој доведува вработените во културата да имаат повисока минимална плата за пресметка на платата од објавената минимална плата во согласност со закон во државата. За да биде појасно, во 2025 година минималната плата во јавниот сектор на Република Македонија за пресметка на основната бруто плата изнесуваше 36.037 денари, а барањето на синдикатот за култура беше пресметката на основната бруто плата да се прави на износ од 39.641 денар, којшто ги прави во поповолна ситуација од сите други останати во јавниот сектор и што е спротивно на минималната плата објавена согласно законот. Значи, синдикатот барал незаконски да се пресметуваат плати“ изјави Љутков.
Министерот исто така посочи дека Министерството во повеќе наврати побарало дијалог со Синдикатот на културата, но дека разговорите завршиле без договор. Тој посочи дека биле одржани два состанока со претставниците на синдикатот, при што, според него, наместо разговор за унапредување на правата на културните работници и нов колективен договор, се инсистирало Министерството да признае грешка во пресметката на платите, прашање кое во моментов се разгледува на суд.