Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вели дека има премногу злоупотреби не само во делот на на трошењето на народните пари на службената картица, туку има големи злоупотреби и незаконски работења и во делот на капиталните инвестиции. Тој посочи дека е формирана работна група која работи на случајот со наводните злоупотреби од претходната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска
„Формирана е работна група. Како министер за култура и туризам кога стапувам на позиција, барам отчетност од тоа што се работело во претходните години. Побарав отчетност во претходните две и пол години додека била таа министерка, бидејќи преземам функција, сакам да знам каква е состојбата. Имам направено многу работни групи, кои што работат на многу процеси“, рече Љутков.
Една работна група е, како што посочи, да се откочат процесите во заштитата на културното наследство, бидејќи постоеле средства што не се трошеле. Според министерот, тешки последици може да има по одредени процеси кои што ги преземала министерката во последните две и пол години.
„Зошто тоа не се трошело? Зошто не се распишувале тендери? Тоа е страшно, ќе се појавам на посебна прес-конференција да откријам страшни работи во делот на нејзиното работење, но работните групи полека ги испитуваат случаите и го испитуваат случајот со трошењето на службената картица. Таму има извештај што е трошено и како е трошено. Како таа ја негира работната група, кога работела со тие луѓе. Тие луѓе со кои соработувала министерката се потпишани на извештајот и се дел од работната група“, рече Љутков.
Како што посочи, она што го презентира ВМРО-ДПМНЕ, е само дел од информациите со коишто располагаат.
„Има премногу злоупотреби, не само во делот на трошењето на народните пари на службената картица, туку има големи злоупотреби и незаконски работења и во делот на капиталните инвестиции“, додаде Љутков.