Љутков: Бројот на туристи е зголемен за 10 проценти во првите седум месеци

Бројот на туристите е зголемен за 10,2 проценти од јануари до јули годинава. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, од Крушево, каде што присуствуваше на манифестацијата „Одржлива трансформација во туризмот“ по повод Светскиот ден на туризмот, истакна дека стратегијата е Македонија да еволуира во регионален туристички центар кој поврзува економски напредок, културна афирмација и меѓународна препознатливост.

„Од јануари до јули годинава Македонија ја посетиле 730,793 туристи, што претставува зголемување од 10,2 % во однос на истиот период минатата година“, информираше министерот.

„Кај странските туристи имаме значителен раст од 15,1 %, што ја потврдува позитивната динамика на меѓународниот интерес за Македонија како туристичка дестинација.“- додаде тој. 

Вкупниот број на ноќевања во овој временски период изнесува 1,750. 979, што претставува покачување од 5,5 % во однос на претходната година. Најбројни се туристите од Турција, Србија, Полска и Холандија.

„Овие податоци јасно покажуваат дека Македонија станува сè поатрактивна туристичка дестинација, особено за странските пазари. Тоа е резултат на активните политики и промоции што ги спроведуваме, но и доказ дека туристичката слика на нашата земја се менува во позитивен правец“, изјави Љутков за време на неговото излагање на настанот во крушевскиот хотел „Панорама“.

Министерот посочи дека туризмот е од стратешка важност за државата. „Нашата географска положба – на крстопатот на Балканот, каде се сечат европските Коридори 8 и 10 – ни овозможува да бидеме транзитен центар, но и повеќе од тоа.“

„Наша цел е патниците кои минуваат низ земјата да станат гости, а гостите да станат амбасадори на македонската култура, природа и гастрономија. Тоа е дел од нашата стратегија: Македонија да се развива како регионален туристички хаб кој комбинира економски раст, културна промоција и меѓународна видливост“, заклучи Љутков.

На манифестацијата беа презентирани туристичките можности и ресурси на Крушево, а исто така беа прикажани и гастрономските специјалитети како уникатен белег на традицијата и културата што привлекува посетители и туристи. Крушево ги истакна и сите предности на природните богатства за планински и алтернативен туризам.