Љупче, самохран татко: Немам за млеко, синот го хранам со вода и шеќер

Во животот не е се мед и млеко. А таква е и судбината на овој 23- годишен маж. 

Љупче Николовски има 23 години и е од Штип. Детсвото го поминал во домови. Никогаш не почувствувал вистинска љубов од страна на родителите, ниту пак уживал во вистинските семејни вредности. 

Кога бил бебе, мајка му заминала и го оставила да го чува татко му и баба му. Додека била баба му жива, имал до некаде и некои нормални услови за живот, но откако таа починала во 2012 година, за некого почнала голготата. Заедно со татко му западнале во тешка финансиска криза, па така татко му тргнал по лош пат, почнал да краде и завршил зад решетки. За да ги вратат долговите, морале да го продадат станот во кој живееле. Тогаш Љупче завршил во дом за деца. 

Откако наполнил 18 години и таму вратите веќе му биле затворени. 

Животот после тоа го продолжил на улица. Таму спиел, се хранел од милостина на луѓето. 

По некое време се вработил во Градскиот стадион во Штип, но набргу и од таму бил отпуштен. После тоа почнал со работа во авто перална, каде и преспивал, но и тоа лошо завршило. После некое време се вработува во штипската болниица каде и ја запознава Ирена. Започнале врска и на свет го добиле нивниот син Андреј. Живееле во стан под кирија.

-Бев пресреќен, го добив најскапоцениот подарок, вели Љупче. 

И таман кога помислил дека животот му се средува, Ирена заминала од дома, и ги оставила сопругот и својот син. 

За Љупче повторно почнува маката, но овој пат заедно со синот Андреј. 

-Се задолжувам само за да има моето дете, има моменти кога немам ни за млеко, па му растворувам вода и шеќер. Ако треба јас нема да јадам ама за Андреј ќе има, вели Љупче за порталот Кластер, кои ја објавија неговата приказна.

Негова желба е да најде вработување. Да има нормални примања, за да може да се грижи за својот син, за да израсне во нормални услови. 

Секоја помош му е добредојдена, доколку сакате да помогнете на било каков начин тоа може да го сторите на 075-304-405