Љубовта не е чувство што се случува само по себе, туку нешто што се учи

Во свет каде љубовта често се прикажува како инстантна магија, како романтична хемија што или ја има или ја нема.

Photo by Gabriel Bastelli

Но, познатиот автор Ален де Ботон нуди една поинаква, повозрасна и пореална перспектива. Тој не ја одбива романтиката, но не ѝ дозволува да биде илузија која нè води во разочарување. Неговите размислувања се како разговор со близок пријател што знае што значи да се сака долго, искрено и со сите несовршености што тоа ги носи.

Де Ботон смета дека љубовта не е чувство што се случува само по себе, туку вештина – нешто што се учи, како свирење инструмент или живеење со други луѓе. Љубовта, според него, не е момент на совршена среќа туку процес исполнет со разбирањер, грижа, и постојано прилагодување. „Се заљубуваме не затоа што сме нашле некој совршен, туку затоа што се учиме да гледаме со нежност на нивните маани“, вели тој.

Посебно е важен неговиот став дека модерните приказни за љубов се премногу фикционализирани. Книгите, филмовите и поп-културата создаваат идеја дека љубовта треба да биде лесна, драматична и засекогаш возбудлива. Тоа ги остава луѓето неподготвени за вистинските предизвици на една врска – компромисите, тишините, повторувањата, и емоционалните рани што некогаш ги носиме со себе од одамна.

Според де Ботон, зрелоста во љубовта почнува тогаш кога ќе разбереме дека другиот човек е исто толку сложен, ранлив и чуден како и ние самите. Љубовта не е во тоа да се најде личност која „ни одговара“, туку да се создаде однос каде две личности се подготвени да учат една од друга, да простуваат, и да се трансформираат заедно. Не се работи за судбина. Тука се работи за одлука и вложување.

​​​​​​​

Photo by Vɩsʜʌɭ Sʌɩŋɩ

Неговото размислување е особено блиско за луѓе кои веќе имаат поминато низ љубовни падови и издигнувања, кои разбираат дека љубовта може да биде нежна, но и напорна; искрена, но и полна со недоразбирања. Ален де Ботон ни предлага да престанеме да бараме совршен партнер – и наместо тоа, да се фокусираме на тоа да станеме попаметни партнери самите ние.

Во време кога многумина повторно ги преиспитуваат своите врски или својата идеја за љубов, неговиот глас носи утеха и реалност. Не затоа што ја намалува вредноста на љубовта, туку затоа што ѝ дава поголема длабочина. И токму таа зрелост можеби е најголемиот подарок на љубовта – не совршенството, туку човечноста.