Љубов, пријателство или трансакција? Како да се препознае еднонасочен однос?

Луѓето кои имаат навика постојано да им угодуваат на другите често се наоѓаат во еднонасочни односи.

Photo by Towfiqu barbhuiya on Unsplash

Причината е што нивната вредност ја гледаат низ призмата на тоа што прават за другите, а не низ она што се. Наместо да се чувствуваат доволни само поради своето постоење, тие се дефинираат преку нивната улога – да бидат секогаш тука, секогаш достапни, секогаш прилагодливи. Ова создава динамика во која едната страна дава, а другата само прима.

Со тек на време, оваа навика води кон исцрпеност и чувство на празнина. Луѓето кои постојано се трудат да им угодат на другите,  често се во ситуација каде нивните потреби и желби остануваат незабележани, затоа што тие самите ги потиснуваат за да избегнат конфликт или да задржат љубов. Внатрешната порака што ја носат е дека љубовта мора да се заслужи, а не дека е нешто природно и взаемно. Токму поради ова, често привлекуваат партнери или пријатели кои се удобни со таа нерамнотежа.

Во суштината на ова однесување стои стравот од одбивање. Многумина научиле уште од детството дека ќе бидат сакани и прифатени само ако се „добри“, тивки или полни со разбирање. Во зрелата возраст, ова се претвора во шаблон кој ги ограничува: тие градат односи каде мора да се докажуваат преку постојани жртви и докажувања. Проблемот е што таквата динамика ретко резултира со вистинска блискост, напротив, создава дистанца и еднонасочност.

Вистинската промена започнува кога се препознава овој образец. Да се постави граница не значи да се биде себичен, туку да се создаде простор каде односот е балансиран. Ако луѓето околу нас нè ценат само поради она што им го даваме, а не поради тоа кои сме, тогаш тоа не е љубов ниту пријателство – тоа е трансакција. Справувањето со овој факт може да биде болно, но и ослободувачко.

Клучниот предизвик е да се изгради чувство на вредност што не зависи од другите. Тоа значи да се научиме да бидеме пријатни и кон себе: да си дадеме време, внимание и грижа. Колку повеќе ја чувствуваме сопствената вредност независно од другите, толку помалку ќе ни биде прифатливо да бидеме дел од односи кои нè црпат. Со тоа започнуваме да градиме односи каде љубовта и почитта се двонасочни.

На крајот, луѓето кои се „угодувачи“ мора да сфатат една суштинска вистина: вредноста не е во тоа колку правиме за другите, туку во тоа што сме. Односите во кои постои вистинска блискост се тие каде никој не мора да „заработува“ љубов – тие се градат врз искреност, рамнотежа и прифаќање. Да се излезе од еднонасочни односи значи да се избере сопствената автентичност наместо улогата на некој кој постојано дава и дава. 

Само тогаш љубовта и пријателството добиваат вистинска сила.