Љубов без слобода никогаш не носи исполнување, а слобода без љубов е чиста осаменост

Човекот најмногу сака слобода. Човекот копнее по слобода. Слободата е суштинското јадро на човечката свесност: љубовта е на периферијата, а слободата е во центарот. Кога и двете работи ќе се остварат, во животот нема простор за каење. Но, тие се остваруваат заедно, никогаш одвоено.

Луѓето се обидувале да остварат љубов без слобода. Но, тогаш љубовта носи сѐ повеќе страдање и сѐ поголемо ропство. Тогаш љубовта не е она што човек очекувал да биде, таа се претвора во сосема спротивното. Таа ја разорува надежта, ги уништува сите очекувања и животот станува пустош – тапкање во темнина и никогаш не се пронаоѓа огнот.

Љубовта без слобода природно тежнее кон посесивност. А во оној момент кога влегува посесивноста, почнувате да создавате окови и за другите, но и за себе – затоа што не можете да поседувате друга личност, а другата личност да не ве поседува вас. Не можете да направите роб од некој човек, а притоа и самите да не станете роб. Сѐ што им правите на другите, го правите и на себе.

Тоа е основниот принцип кој треба да го разберете: Љубовта без слобода никогаш не носи исполнување.

А постојат и луѓе кои се обиделе со другата крајност: слобода без љубов. Тоа се монаси, ескаписти, луѓе кои се откажале од светот. Плашејќи се од љубовта, затоа што таа носи ропство, тие ги отфрлиле сите ситуации во кои љубовта може да расте, да се случи и ситуации кога љубовта е сосема можна. Тие побегнале во осаменоста. Нивната самотија никогаш не се развила, таа станала осаменост. А осаменоста е негативна состојба: целосно празна и тажна.

Човек може да биде сам, но тоа не значи дека ќе биде и осамен. Самотијата е физичка самотија, а осаменоста е духовна самотија. Ако сте побегнале од светот поради страв, ќе бидете осамени, светот ќе ве прогонува, ќе ве опкружуваат сите видови желби. Ќе патите од милион кошмари, затоа што сѐ што сте напуштиле не може туку-така да се отфрли.

Ошо – „Книга на мудроста“