Љубомир Петровски, болничар од Клиниката за неврохирургија: Страв има, но желбата да се помогне е секогаш поголема

Здравствените работници се во првите редови во справување со коронавирусот. Тие секојдневно се во контакт со лицa кои се носители на вирусот и ја имаат најтешката и исклучително важната улога во борбата со пандемијата. Кога зборуваме за здравствени работници мислиме на целиот медицински персонал и во сите здравствени институции во државата. 

Сакајќи да го слушнеме размислувањето на пониските здравствени ешалони и како тие секојдневно се справуваат со коронавирусот, денес разговараме со Љубомир Петровски, болничар од Клиниката за неврохирургија.  Тој веќе девет години е дел од оваа здравствена установа и вели дека уште од самиот почетокот на пандемијата, оваа клиника е подготвена за пациенти со Корона вирус. 

Почнавме со ротација на персоналот, како што беше наложено од министерството. Половина оддел го направивме за пациенти со Ковид-19. Делот за полуинтензивна нега го спремивме со респираторни машини, а во секоја друга соба има довод за медицински кислород, вели Љубомир.  Додава дека состојбата на оваа клиника во моментов е стабилна и таму нема позитивни пациенти. Сите пациенти кои имаат потреба и се јавуваат во клиниката, се прегледани.

Дел во нашата амбуланта со закажан термин и нормално итните случаеви на ургентниот центар. Доколу има потреба тие се хоспитализираат, додава Љубомир. 

Да се биде дел од здравствениот систем е вистински предизвик, а особено во специфични времиња и состојби кои бараат високо ниво на посветеност и ангажираност.  Тој вели дека предизвик секогаш има. Желбата да се помогне на секој пациент е секогаш голема.  Предизвикот да се работи на Клиниката за неврохирургија е посебно голем, затоа што секогаш е бурно и се работи со тешки случаеви, кои бараат голема грижа и внимание.

Поддршката од граѓаните е клучна во вакви моменти и на тоа постојано апелира Министерот за здравство, Венко Филипче. Истото го посочува и Љубомир. 

Товарот е голем и е премногу тежок, посебно во овој период на пандемијата. Да се биде здравствен работник е премногу тешко во овие моменти, сиот терет е на нас. Но, ние здравствените работници не можеме сами да се избориме, потребна ни е голема поддршка од граѓаните, со самото нивно придружување до мерките, придонесуваат многу, за заедно да го победиме овој непријател. Сакам да упатам голем поздрав до сите мои колеги и колешки, доктори и до сите кои придонесуваат работата во овој критичен период да тече непрекинато, вели тој. 

На крајот го прашавме за стравот како составен дел од животот и секоја професија.  Нормално дека постои, сите се плашиме од овој невидлив непријател, кој коси се пред себе. Не верувам дека некој не се плаши, како и сите други така и ние медицинските лица, имаме родители кои повеќето се хронично болни и мали деца. Така да, страв сигурно дека постои, но ние сме ја одбрале оваа професија. Ќе дадеме се од себе да се избориме со овој непријател и да останеме посветени на нашите пациенти, како до сега така и понатака. Искуство со позитивни пациенти имавме и имаме. Првично ја поминавме обуката за носење на заштитна опрема, која беше спроведена уште на почетокот на пандемијата и се водиме според пропишаните протоколи, заклучува тој.