Листите за проверка стануваат задолжителни при инспекциите

При инспекциите во иднина задолжително ќе се користат листи за проверка – документи во кои ќе бидат наведени обврските за субјектите што ќе бидат инспектирани во одредена област. Тоа особено треба да им помогне на фирмите со ограничени капацитети за ангажирање соодветни стручни кадри за следење на регулативата, што се посочува како проблем години наназад.

И досега неколку инспекциски служби имаа изготвено листи за проверка кои ги користеа како помошна алатка, меѓутоа тие не се задолжителен елемент во вршењето надзор. Сега стануваат обврска за секоја инспекциска служба, а ќе бидат и јавно достапни, како што е пропишано во новиот Закон за инспекциски надзор.

Магдалена Грашкоска-Филиповска, директорка на Инспекцискиот совет, за МИА изјави дека при вршење на планираните редовни надзори заедно со известувањето за надзор ќе се достави и листата за проверка пред да биде извршен надзорот.

– Со тоа ќе се зголемат транспарентноста и правната сигурност, вели Грашкоска-Филиповска, директорка на Инспекцискиот совет.

Законот дава и можност во ситуација кога инспекторот ќе процени дека не е неопходно физички да присуствува на надзорот, да може да ја достави соодветната листа и да побара да му биде вратена назад соодветно пополнета и поткрепена со придружна документација што ги потврдува дадените одговори.

-На тој начин се дава можност од една страна да не се оптоварува или прекинува процесот на работење на субјектот, а од друга страна да се заштедат ресурсите на инспекциските служби, изјави Грашкоска-Филиповска.

Ќе нема различно постапување од ист инспекторат во различни региони

Другата цел на овие листи, како што објаснува, е да се избегне различното толкување и различното постапување од инспектори од ист инспекторат во различни региони. Со самото воспоставување на листите ќе биде дадена рамка што треба да провери инспекторот, а субјектот на надзор во секој момент ќе знае што може да му биде побарано. Придобивка од овие листи е и тоа што сите субјекти ќе можат да извршат самооценување на својата работа и да утврдат дали имаат пропусти. И без да имаат најава за инспекциски надзор самите да си проценат дали ги исполнуваат сите барања што се очекуваат.

Како што оценува Љубомир Димовски, директор на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“, т.н. чек-листи треба да помогнат инспекцискиот процес да биде сфатен како систем за проверка, а не систем за репресија и казнување.

-Чек-листите треба да помогнат особено на претпријатијата со ограничени капацитети за ангажирање соодветни стручни кадри за следење на регулативата, смета Димовски.

Листи за проверки, како алатки за следење на законите, се веќе достапни на порталот бизнис регулатива.мк., како една од активностите на „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“. Компаниите имаат можност на анонимен начин да направат самооценување на нивната правна усогласеност во областите во кои работат. Со пополнување на листите за проверка добиваат извештај од информативен карактер со укажување во кој дел од регулативата не се усогласени и каде би требало да го коригираат работењето.

Недоволни рокови за поправање на грешките на фирмите

Во истражувањето за бизнис-климата во 2018 година 44 проценти од анкетираните компании рекле дека недоволно се достапни информации за усогласување со регулативата, во 2017 година таков одговор дале 46 проценти, а во 2016 – 52 процента. Околу 30 проценти од фирмите во изминатите три години дале одговор дека во голем дел се достапни информации за регулативата, а околу 10 проценти дека воопшто не се достапни.

При инспекциите на фирмите им се дава одреден рок за отстранување на грешките. Па така во 2018 година 41 процент рекле дека имале соодветен рок за отстранување на неправилностите, со закажување контролен надзор, за разлика од 2017 година, кога таква можност добиле 51 процент. Се зголемил и процентот на компаниите што сметаат дека не им бил даден рок за да се усогласат со одредена регулатива, а има зголемување од 15 на 17 проценти на компаниите што се пожалиле дека веднаш биле казнети без доставување каков било рок за усогласување.

На 30 проценти од фирмите лани им е изречена глоба, што е за три проценти помалку во однос на претходната година, а за 23 проценти во однос на 2016 година. Минатата година четири проценти од фирмите добиле мандатен платен налог, а три проценти прекршочен платен налог.

– Глобата како мерка што била користена кај 53 проценти од фирмите во 2016 година се намалува на 30 проценти во 2018, што води кон политика на опомена отколку на казнување, вели Влатко Данилов од компанијата БАСМЕ, учесник во анкетата за бизнис-климата.

Најчести инспекции лани во фирмите имало од Управата за јавни приходи, односно во 25 проценти од фирмите влегле инспектори на УЈП, за пет проценти повеќе споредено со 2017 година. Приближно ист е процентот и на инспекциите од Државниот инспекторат за труд и во 2018 и во 2017 година, а инспекција од Пазарниот инспекторат и во двете години пријавиле 10 проценти од анкетираните.

Единаесет проценти од фирмите имале над 10 инспекции во 2018 година, осум проценти од седум до десет инспекции, 21 процент биле инспекторирани од четири до шест пати, 43 проценти од еднаш до трипати, а 19 проценти ниту една инспекција.

Над десет инспекции имало кај 45 проценти од големите фирми, а од четири до шест инспекции имало во 52 процента од микрофирмите, односно 44 проценти во малите фирми.

Изречените казни по големина на фирми покажуваат дека на 30 проценти од микро, мали и средни фирми им биле изречени глоби, а приближно 50 проценти добиле опомени. Глоба добиле 40 проценти од големите компании, а на исто толку им биле изречени опомени. Најголем број инспекции има кај големите фирми, кои подложат на повеќе инспекции и имаат повеќе обврски. Триесет и еден процент од микрофирмите воопшто не биле посетени од инспекторите.

Во најголемите проблеми при инспекциите бизнисмените ги навеле недоволната подготвеност на инспекторите. Минатата година 15 проценти од анкетираните рекле дека имале таков проблем, а 14 проценти се пожалиле за непрофесионално однесување на инспекторите и на инсистирање да се најде неправилност што ќе се казни, 13 проценти на предолго траење на надзорот. Шест проценти, пак, се пожалиле на корупција.