На социјалните мрежи кружи видео од мало мече како бара храна во контејнери во Требениште, во близина на Маврово и Ростуште.
Очигледно, во потрага на храна, овие животни „се спуштаат“ се пониско од своите шумски живеалишта.
Пред еден месец, од Националниот парк „Ѓар Планина“ информираа дека сè почесто се бележат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк „Шар Планина“.
Овој феномен, според нив, е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
- За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки, велат од Националниот парк.
Инаку, вчера на социјалните мрежи се сподели и фотографија од лисици во скопско Козле.
- Глутница мали лисици е забележана како шета низ улиците на скопската населба Козле, предизвикувајќи вознемиреност кај жителите, реагираа граѓаните од овој дел на Скопје.
Како што може да се види на фотографијата, животните, очигледно во потрага по храна, се движат слободно меѓу улиците.