Лино Червар ја започнува својата мисија

Машката сениорска репрезентација денеска (13:30 ч.) во хотелот „Александар Палас“ ќе го има првиот собир, со што ќе биде означен и стартот на подготовките за квалификацискиот двомеч за СП против Чешка.

Сето ова ќе значи и официјален почеток на новиот селектор Лино Червар, кој кормилото го презеде неодамна, откако Ивица Обрван не успеа да дојде до зацртаната цел, а тоа е пласман на националниот тим на Олимписките Игри.

За девет дена следува првиот натпревар против Чешка, кој ќе се одигра во Злин. Додека возвратниот натпревар за Светското првенство во Франција, ќе се одигра на 15 јуни во Скопје. Како што е познато, првичниот список од 28 ракометари беше дополнително зголемен за плус пет, на кои ќе се смета за во иднина.

На денешното прво обраќање на Червар како селектор единствено ќе отсуствуваат ракометарите кои настапуваат во Бундеслигата. Борко Ристовски со Рајн Некар Левен во последното коло в недела ќе игра против Либек и со евентуална победа ќе дојде до титулата во оваа лига.

Покрај него, настап в недела ќе има и Филип Миркуловски кој со својот Вецлар ќе одигра натпревар за престиж против Лајпциг.