Линк Медиа Плус за 150 илјади евра ќе го украсува Скопје за Нова Година

Линк Медиа Плус од Скопје оваа година го доби тендерот за новогодишно украсување на градот кој што е вреден 10.169.491,00 денари или нешто повеќе од 150 илјади евра.

Според тендерската документација, договорот ќе се реализира во две фази. Првата фаза предвидува украсување и светлосно декорирање на централното градско подрачје и на Плоштадот „Македонија“  во духот на модерното време и живеење, со високи естетски, уметнички и ликовни ефекти, запазувајќи при тоа унифициран концепт на целиот простор и истата треба да се заврши до 15-ти овој месец. Втората фаза опфаќа отстранување на украсната и светлосната декорација треба да се реализира од 15.01.2018 до 25.01.2018 година.

Освен декорација и украсување на градот компанијата има обврска и да изработи план за тоа какви украси ќе треба да се употребат и за локацијата на која ќе бидат поставени тие.

Оваа година градот нема да организира новогодишна прослава. Градоначалникот Петре Шилегов најави дека парите за оваа намена ќе се донираат на Клиниката за детски болести и на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.