Лица осудени на 5 години ќе добијат 30 отсто намалена казна

Целосно ослободување од издржување на казна затвор до 6 месеци“ предвидува предлог законот за амнестија. Владата го усвои законот кој ќе оди на редовна постапка. Лицата што се осудени до 5 години, ќе добијат 30 отсто намалување на казната.

Овој закон го најави и Премиерот Заев при неговата посета во затворот Идризово, кој, како што рече, ќе го растовари преполнетиот затвор, со цел ресоцијализација на затворениците. Законот за амнестија предизвика остри реакции во јавноста и кај политичките партии, кои овој потег на Владата, го толкуваат како предизборна корупција, со кој можат да се злоупотребат поранешните затвореници за изборни цели.

Засега не се знае колкав број на затвореници би биле опфатени со амнестијата. Со законот не се предвидува амнестија за луѓе кои се правосилно осудени на казна доживотен затвор, за убијци, и лица осудени за изборни измами. Законот не предвидува амнестија и за кривични дела против половата слобода и половиот морал како што се силување и педофилија и кривични дела против државата. Амнестија нема да има ниту за кривичните дела злосторничко здружување и дела против човечноста и меѓународното право.