„Либертанго“ денеска на „Скопско лето“

Вечерва во Македонската опера и балет ќе се одигра  балетската претстава „Либертанго“, во режија на Наташа Поплавска, со почеток во 20 часот.

Музиката е на Астор Пијацола, а зад кореографијата стои Сабрина Боско од Италија.

Дел од улогите ги толкуваат Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Марија Кичевска Шокаровска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска и Саша Евтимова.

„Либертанго“ нè води низ приказна која ни го покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц кој го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето. Во почетокот на минатиот век во Аргетина често има прилив на емигранти од Европа, а најмногу од нив биле Италијанци и Шпанци. Аргентина е новата ветена земја, земја која им давала надеж на сиромашните Италијанци, емигранти кои во почетокот на дваесеттиот век тргнале да бараат подобар живот. Оваа приказна ни го покажува патот на италијанската фамилија Пијацола. Висенте и Асунта, родителите на познатиот композитор Астор Пијацола, кои ја наоѓаат Аргентина за земја на нивната иднина.

Билетите се во продажба на билетарницата на Македонска опера и балет.