Министерот за правда Кренар Лога се обидува да протне законски решенија, кои се спротивни на веќе постоечките позитивни норми и на Уставот се вели во соопштението на Левица и најавуваат блокада на истите.
Според нив станува збор за предлог измени на Законот за правосуден испит, Законот за нотаријат и Законот за извршување, во кои се предлага овие испити да можат да се полагаат и на јазик кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во земјата. Од Левица посочуваат дека овие предлози се косат со одредбите со кои веќе се регулирани условите за именување на нотари, извршители и адвокати, каде е предвидено задолжително познавање на македонски јазик за овие професии, како и за сите лица кои вршат јавни функции.
- “Освен одредбите од специјалните закони, дополнително и Уставот, како највисок правен акт, во член 48 упатува на задолжително изучување на македонски јазик. Ваквите сегрегирачки предлози се неевропски и само дополнително ќе ја продлабочат поделеноста во македонското општество, каде македонскиот јазик е единствено сврзно ткиво за кохезија помеѓу различните етникуми. Откако на Уставен суд му пропадна обидот за вметнување националност во изводи, министерот од Алијанса за Албанците продолжува со своите трибалистички испади“ се вели во соопштението на Левица.