Левица: Нови седум барања за апанажа, 750.000 евра за поранешни функционери на ДПМНЕ, СДС и ДУИ

Пратениците од минатиот парламентарен состав добија апанажа од 600.000 евра, а дополнителни седум ќе примаат над 150.000 евра, тврди партијата Левица. Тие обвинуваат дека ова е уште еден показател за класна дискриминација, каде што системот ги задоволува потребите на богатите елити, додека обичните граѓани се борат со сиромаштија. Единствениот пратеник кој гласаше против апанажата е Борислав Крмов од Левица.

"Пред околу две недели собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата им одобри апанажа, во траење од една година, на 29 пратеника од минатиот парламентарен состав. Тие на товар на граѓаните, од народниот буџет ќе примаат надоместок околу 600 000 евра", велат од партијата Левица.

Ова претставува последниот од долгата низа на показатели за класна дискриминација во македонското општество, во коешто системот функционира, единствено, за задоволување на потребите на богатите економски и политички елити, додека нормално четиричлено семејство не може да ја задоволи ниту минималната синдикална кошничка од 1000 евра.

"Ја потсетуваме јавноста дека, единствено, пратеникот од редовите на политичката партија Левица, Борислав Крмов, кој согласно нашата програма и идеолошка определба, како и нашиот предлог-закон за укинување на апанажата предложен уште во 2022 година, а кој беше одбиен од страна на широката коалиција СДС-ДПМНЕ-ВЛЕН-ДУИ, беше единствениот народен пратеник кој гласаше против“, се додава во соопштението на партијата Левица.