И ова лето Грција несомнено ќе биде еден од најчестите избори за летување на голем број Македонци.
Доколку планирате да летувате во некоја од убавите дестинации покрај море во соседството, а планирате да носите храна од тука, треба да знаете кои и колку од прехранбените намирници се дозволени да ги пренесете преку граница.
Грција уште во 2016 година забрани увоз на храна произведена надвор од ЕУ.
Според одредбите на ЕУ, ако патувате во земја-членка од земја која не е членка на ЕУ, не можете да носите никакви млечни или месни производи.
Според „Грчкаинфо“, забрането е внесување на месо, млеко и млечни производи. Тоа значи дека во Грција на море не можете да носите виршли, стекови, шунка, сирење, млеко, јогурт, павлака...
Исто така, не е дозволено да носите варени и пржени јадења и расиплива храна.
Сепак, можете да донесете до 5 килограми свежо овошје и зеленчук, освен компири, до 2 килограми млеко во прав за бебиња или храна за бебиња или храна за посебни потреби, како и до 2 килограми храна за домашни миленици, пишува „Курир.рс“.
Исто така, дозволено е да се внесе ориз, кечап, готови оброци, тестенини, бисквити, чоколадо, вода, сокови, се додека вредноста на овие намирници не надминува 300 евра по патник (150 евра за деца под 15 години).
Патници кои пристигнуваат со авион од европски земји надвор од ЕУ (како Македонија) смеат да внесат 200 цигари или 50 пури или 250 грама тутун, потоа 4 литри вино, 16 литри пиво, 1 литар жесток пијалок над 22 отсто, како и 50 грама парфем и 250 милилитри колонска вода.
Патници кои пристигнуваат со автомобил или автобус од европски земји надвор од ЕУ, меѓу кои и Македонците, можат да внесат само 40 цигари или 20 пури или 50 грама тутун, како и едно литро жесток пијалок над 22 отсто или 2 литри алкохол од 22 проценти или помалку и 2 литри вино, 50 грама парфем и 250 милитри колонска вода.