Летните лекови од минатото: како се грижевме за здравјето без аптека на секој агол

Во времето кога не постоеше аптека на секоја улица, а докторите се повикуваа само кога нешто беше навистина сериозно, луѓето знаеја како сами да се справат со летните маки – со природата, со знаење пренесено низ генерации, со трпение и разбирање на телото.

Не се трчаше веднаш по таблети – се вадеше нешто од кујнскиот орман, од дворот, или од плакарчето каде се чуваа домашните чаеви и шишиња со етикети напишани на рака.

Кога ќе не’ изгореше сонцето, не се мачкавме со креми од аптека – се мачкавме со јогурт или масло од кантарион. Кога ќе се јавеше главоболка, бабите велеле: „Испиј чаша вода, легни малку во ладна соба, стави си крпа на челото. Или пак ракија и бибер за болно грло“ И навистина, често тоа помагаше. Не затоа што магично лечеше, туку затоа што луѓето ги слушаа сигналите на телото и не брзаа да ги потиснат, туку ги смируваа.

Летната исхрана беше првиот лек – таратор, лук и кромид, компот од кајсии, чај од нане со капка лимон. Луѓето не јадеа тешко на пладне, затоа што знаеја дека телото тогаш се мачи. И водеа сметка, не со броење калории, туку со внимание. Се велеше: „Во жешко време, телото бара лесно.“ А лекот не секогаш се пиеше, понекогаш само се дремеше попладне под сенка, и тоа беше доволно.

Photo by Annie Spratt on Unsplash

Има една старинска здравствена мудрост што денес ретко ја слушаме: не брзај. За да се опорави телото, му треба време и мир. Летото некогаш ни го дозволуваше тоа – со долгите попладниња, со мрзливите вечери и со чувството дека сè може да почека до утре. И телото, кога ќе му се даде простор, знае само да најде рамнотежа.

Можеби денес имаме повеќе избори, но понекогаш вистинското здравје се крие во она старото, познатото – во чај од камилица, во ладна крпа на вратот, во еден тивок ден поминат во мир. Здравјето не е само во она што го земаме, туку и во начинот на кој живееме. А летото, ако му дозволиме, уште знае да нè потсети на тоа.