Кога температурите се високи, првата мисла ни е: нешто ладно, нешто освежувачко.

Photo by Engin Akyurt
Но поголемиот дел од комерцијалните пијалоци содржат рафиниран шеќер, вештачки ароми и конзерванси што го заморуваат телото, наместо да го нахранат. Среќа е што телото има природен јазик – и кога е жедно, најмногу му годат токму оние вкусови што ги нуди природата. Со неколку едноставни состојки, може да подготвиме летни пијалоци што не само што освежуваат, туку и ја потхрануваат нашата кожа, варење и енергија.
Вода со вкус
Вода со лимон и краставица е класика, но може да се игра со вкусови: нане и лимета, портокал и свеж ѓумбир, смрзнати јагоди и босилек. Овие пијалоци го поттикнуваат варењето, ја хидрираат кожата и ни даваат чувство на свежина без ниту грам шеќер. Оставете ги состојките во вода најмалку 30 минути во фрижидер, така добивате природен освежувач, кој изгледа убаво.
Леден чај
Домашно подготвен ладен чај е една од најлесните замени за засладените напивки. Можете да искористите зелен чај, бел чај или чај од хибискус (кој е природно освежувачки и полн со антиоксиданси). Додадете парчиња лимон, малку свежа нане или капки сок од рибизла, ќе добиете вистински летен еликсир. Ладниот чај од хибискус, на пример, го поддржува кардиоваскуларното здравје и помага при регулирање на крвниот притисок.
Смути
Многу смути рецепти се преполни со банани, сокови и додатоци со висок шеќер. Наместо тоа, користете зеленчук како краставица, целер, или спанаќ, во комбинација со едно умерено слатко овошје, како боровинки, јаболка или авокадо. Додајте малку ѓумбир, вода од кокос или цеден лимон и добивате смути што ве полни со енергија, без да предизвика нагли скокови на шеќер во крвта.
Освежувач од јаболков оцет и лимон
Јаболковиот оцет, во мали количини, е одличен за варењето и има алкализирачко дејство врз телото. Една лажичка оцет, сок од половина лимон, ментол листови и ладна вода – и добивате пијалок кој е невообичаен, но пријатен и полн со бенефити. Особено добро се комбинира со утринско будење или попладневно освежување.
Летно „златно“ лате
Златното млеко (curcuma latte) може да се ужива и ладно. Мешавина од куркума, цимет, ѓумбир и билно млеко (бадемово, оризово, овесно) може да се излади и сервира со коцки мраз. Без шеќер, но со благ вкус ако се додаде малку ванила. Куркумата е позната по своето антиинфламаторно дејство, кое е идеално за летен детокс.
Во лето, телото бара свежина, леснотија и навлажнување одвнатре. Со овие пијалоци, не само што ќе ја слушнеме таа потреба, туку ќе ѝ одговориме со нешто што вистински храни, без да му штетиме на организмот. Освежи се природно. Телото ќе ти биде благодарно.