Летни фестивали низ Македонија

Популарниот веб-портал за млади Тхеребонр.цо(thereborn.co) состави листа од летни фестивали кои се одржуваат во Македонија, кои не би требало да ги пропуштите. За сите љубители на добрата забава, квалитетна музика и дружење, ова лето Македонија ќе биде одлична дестинација. Последните неколку години, летните фестивали земаат голем замав и градат традиција по светски стандарди. Покрај сериозната конкуренција од фестивали во соседните земји, сепак и Македонија има со што да се гордее и да понуди. Па така, според „Риборн“ ова се фестивалите кои не смеат да се пропуштат.

„Здраво млади“:

-Неофицијално отворање на летната сезона, ќе му се случи на Скопје и оваа година со фестивалот „Здраво млади“ кој ќе започне на 4-ти јуни. Комплетниот распоред на настани во рамки на фестивалот сеуште не е објавен, а учество потврдија: DJ Fitz, Föllakzoid, Легијата, Liima, Moon Duo и Lee Ranaldo Trio. Фестивалот ќе биде одржан во Младинскиот Културен Центар, а влезници можат да се набават по цена од 300 денари.

„Skopje Street Festival“:

Од 10-ти до 12-ти јуни Гратскиот парк во Скопје ќе угости уште еден популарен фестивал за млади. Овој, конкретно наменет за сите креативци во најразлични дисциплини. Паркот ќе биде поделен на 6 локации сите наменети за различна урбана уметност: музика, графити, денс, скејт и сл. Главната идеја на фестивалот е да ги поттикне младите на креативно изразување и повторно да ги обедини скопските суб-култури. Влезот на фестивалот ќе биде слободен.

„Д Фестивал“:

Овој пат, еуфоријата се сели на југот на Македонија, од 15-ти до 17ти јуни, во едно од најпрекрасните места-Дојран. Фестивалот кој се одржува од 2011-та, сериозно ја зацврстува својата позиција на најдобар домашен летен фестивал. Минатогодишното издание, воедно и најпосетеното, прикажа дека може да се направи добар фестивал по светски стандарди и кај нас. Гостување на светски ѕвезди и многу публика од соседните земји. Очекувањата исти и оваа година. Интересно во врска со фестивалот е што во негови рамки е и камп-населба која нуди незаборавно дружење покрај недостатокот на услови и комфор. Фестивалот, минатата година се одржа на паркингот пред влезот во населеното место Стар Дојран, па веројатно и годинава локацијата ќе остане непроменета. Влезницата за трите фестивалски дена чини 600, односно 800 денари доколку го одберете камп-пакетот.

„Акто“:

Фестивалот кој е обележје на Битола, оваа година паралелно ќе се одвива и во Скопје и Штип. Времето на одржување на фестивалот сеуште не е објавено, но сигурно е дека посетителите ги очекува богата и квалитетна програма, во рамки на која ќе настапат уметници од повеќе

жанрови и уметности. Примарно наменет за промоција на современите уметности, а со традиција од веќе 11 години. Овогодинешното издание ќе биде во духот на ДВИЖЕЊЕ/Moving, сакајќи да се вклопи во актуелните социјални случувања.

„Бош Фестивал“: 

26-28 Август. Нетипичен и поразличен од сите други фестивали на листата, „Бош Фестивал“ претставува создавање на јавен простор наменет за изразување, но и комуникација помеѓу уметникот и неговата публика. Фестивалот се одржува од 2009-та во Гевгелија, како спомен на прерано починатиот актер Бошко Бозаџиевски. Сите настани во рамки на фестивалот се бесплатни и отворени за сите заинтересирани.