Лета со параглајдер, скока со падобран, скија: „Животот може да биде убав и во количка“, вели Вангел Тркаљанов

Младиот кочанчанец Вангел Тркаљанов станал лице со попреченост кога имал 21 година, по кобен скок во базен, во кој го скршил вратот. По несреќата му била поставена дијагноза квадриплегија или парализа.

И пред повредата, и сега не се откажува од желбата за активни, адреналински спортови. Тој е неуморна, движечка сила. Оди на рафтинг, нуркање, плива, скија, скока со параглајдер и падобран. Во последниве години собра искуства од две интернационални првенства по падобранство. Се бори секое лице со попреченост, во секое време, да може да добие еднакви услови и соодветна опрема за ваквите спортови. 

-Летам со параглајдер и скокам со падобран од висина од 4.000 метри над земјата. Најчесто со овој вид спорт се занимавам во Франција и во Белорусија, каде има европски првенства за лица со попреченост. Тука во Македонија за жал немам услови да се занимавам со спорт. За луѓето со попреченост да се занимаавт со ваков вид спорт треба да има соодветни услови. Треба да се користи активна количка, а таква количка не добиваме преку Фондот за здравствено осигурување, и мора сами да ги купуваме, а цената им е од 2.000 евра па нагоре, вели Вангел.

Според него за лицата со попреченост најважно е да не го запоставуваат социјалниот живот и секогаш да се обидуваат да го живеат животот најдобро што можат.

Идејата на Тркаљанов е да настапи вистинска револуција во спортот за лицата со попречености. Бидејќи, вели тој, спортови како рафтинг, падобранство, параглајдинг, скијање и сл. треба да ги „брка“ во странство. Ги нема и близу земјава.