Во рамки на европската турнеја која е по повод излегувањето на новиот албум „Raise Vibration“, Лени Кравиц ќе го посети и Скопје на 3 мај во ВИП Арената.

Од сите земји во регионот, Скопје и Софија се единствените градови каде фановите ќе имаат шанса да го видат шоуто на Лени Кравиц.

„За ексклузивноста на скопското шоу доволно говори и фактот што во оваа турнеја не се опфатени градови како што се Белград, Загреб и Атина. После минатиот албум „Strut“ кој што беше навистина извонреден, никој не очекуваше дека Лени во толку краток период ќе се појави со уште едно толку квалитетно дело, но сепак „Raise Vibration“ е на ниво на неговите најдобри албуми досега, а последниот радиски хит „Low“ им е веќе добро познат на сите“, велат од Авалон продукција.

„American Woman“, „Are You Gonna Go My Way“, „Believe“, „Fly Away“, „Again“, „Let Love Rule“, „Chamber“, се само дел од хитовите кои ќе ги слушнеме во Скопје, во сала со капацитет од 8.000 посетители.

Сите детали околу влезниците за овој концерт ќе бидат објавени во понеделник.