Лекции за нашата работа кои ги учиме предоцна во животот

Голем дел од луѓето на почетокот на својата работа се вложуваат целосно, мислејќи дека треба навремено да ја завршат секоја работа која им е дадена од нивните претпоставени.

Но, со текот на времето, полека ги учиме важните нешта, а голем дел од луѓето веќе на крајот на својата кариера можат да кажат дека научиле по нешто.

Ова се нивните лекции.

Животот е краток.

На крајот на својата кариера луѓето често велат дека животот е прекраток за да се справуваш со работа која ја мразиш, шеф кој премногу бара од тебе или пак фирма која не нуди никаков напредок. Многу луѓе се обидуваат да се убедат себеси дека можат да се справат со работа или ситуација која ги прави несреќни, мислејќи дека среќата од таквата работа ќе дојде сама по себе. Но,  вистината е дека таквото прифаќање може да нѐ направи потажни и помизерни.

Вмрежувањата се важни.

Можеби мислите дека настаните за дружење со колегите се досадни, но истражувањата покажуваат дека   тие се корисни за успехот. Всушност, огромен дел од луѓето кои се успешни имаат широк и разновиден круг. Тоа значи дека колку повеќе се вложувате во дружењето, толку поуспешни ќе бидете.

Не вреди да го жртвувате своето здравје за успехот кој го посакувате.

Многу успешни луѓе забораваат на своето здравје и балансот меѓу својот личен и професионален живот, мислејќи дека така ќе бидат сѐ поуспешни. Но, недостатокот на квалитетен личен живот придонесува за сериозен стрес, а со тоа и влошено здравје. Затоа, не го земајте своето здравје „здраво за готово“.

Најдобрите моменти во животот не се случуваат кога гледате во екранот.

Во нашиот поврзан свет, често мислиме дека технологијата треба да го владее нашето живеење, но не е така. Најдобрите работи во животот не се случуваат додека го проверувате својот телефон. Затоа, тргнете се од телефонот и компјутерот и искусете го реалниот живот.

Никогаш не престанувајте да учите.

Со честата промена на технологиите, едноставно не можете да си кажете себеси дека сте престанале да учите. Тоа значи дека ќе имате проблем на работа, а со тоа и во секојдневното функционирање. 

Грижите не носат ништо добро.

Спротивноста од стравот е акцијата , односно преземањето нешто. Ако го трошите своето време следејќи некаква идеја и размислувајќи за неа без да преземете нешто околу тоа, ништо нема да постигнете. Исто така, доколку се соочите со проблем, нема да можете да го решите ако не преземете нешто конкретно. Грижите сами по себе не носат ништо добро.

Неуспехот не е крај.

Ако се откажете по првиот неуспех, никогаш нема да научите ништо, а и нема да успеете на долг рок. Наместо да се плашите од неуспехот, гледајте го како можност – како почеток на ново и различно патување.