Лекарска комора: Згрозени сме од постапката на возачот кој удри во доктор и побегна

Лекарската комора најстро го осудува вчерашниот инцидент во кој со тешки повреди се здобил д-р Ѓорѓи Јота, хирург и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, кој на булеварот „Водњанска“, додека го напуштал работното место, бил прегазен од автомобил.

„Особено сме згрозени од фактот што сторителот без да пружи и повика помош го напуштил местото на настанот оставајќи го повредениот во тешка, животнозагрозувачка состојба. Ценејќи ја сериозноста на овој случај упатуваме јавно барање до судско-обвинителскиот систем навремено, сериозно и одговорно да пристапат кон решавање на овој случај, а сторителот да биде најостро санкциониран“, се наведува во соопштението на лекарската комора од каде изразуваат надеж за позитивен исход од лекувањето на колегата, за кој велат дека е исклучителен професионалец.

Од МВР, претходно објавија дека возачот бил 16-годишник од скопското село Сингелиќ кој управувал „бмв х6“.

Од лекарската комора посочуваат дека овој случај покажува оти не е потребно подигање на безбедносните стандарди само во здравствените установи, туку и во нивната непосредна околина, каде покрај здравствените работници се движат и лица кои поради здравствената состојба имаат потешкотии во движењето, како и инвалидизирани лица.