Лекарите против Владата: Понижувачка е идејата за „30 денари од пациент“ за зголемена вакцинација

30 денари од пациент матичните лекари доколку 70% од нивните пациенти се вакцинираат. Оваа предлог одлука денеска ќе се најде на владина седница, а има за цел да ги стимулира граѓаните да се вакцинираат.

Значителен дел од лекарската фела оваа идеја на надлежните ја оцени како несоодветна, непристојна и понижувачка. Велат дека, и без финансиска стимулација, досега работеле на едукација на пациентите со цел заштита од корона вирусот, а кога станува збор за граѓани кои не смеат да се вакцинираат не можат, како што велат, да вршат притисок по секоја цена. 

Досега околу 40 % од населнието е вакцинирано.

Претседателката на Сојузот на матични лекари, Лидија Чолакова Дервишова, не гледа логика како би го постигнале тоа, а воопшто и немаат намера да прават нешто што е противзаконско и противуставно.

-Има докторка која почина три дена по примена вакцина, пациенти со хашимото, срцеви заболувања, автоимуни заболувања или едноставно лошо се чувствуваат после примена прва доза и кои не смеат да примаат вакцина. Здравјето на нашите пациенти и Хипократовата заклетва ни се на прво место, така што предлогот на Владата е непристоен, вели Дервишова.

-Нашите пациенти две години слушаат корона и за вакцини така да доволно се информирани, доволно свесни, се консултираа изминатите две години, секој пациент со својот матичен лекар и нормално тие кои што сакаа и можеа се вакцинираа, дополнува таа. 

Д-р Ненад Лазаров, пак, прашува: „Топ шоп“ телеоператори треба да бидеме наместо лекари?

– Ниеден пациент не сум разубедил, а сум настапувал аргументирано. Ако не сака, не сака. Првото нешто што ќе ми го каже е ,,јас да се вакцинирам, а ти да кркаш 30 денари по пациент”. Не понижуваат, ни велат да потпишеме дека нема да им се случи нешто од вакцината. Како да му сугерирам некому да се вакцинира, навистина не ми е јасно. Како „Топ шоп“ телеоператори треба да бидеме наместо лекари. Не знам како би убедил некого да се вакцинира, од тие што се разубедени дека не сакаат, освен со рестрикции и ограничен пристап до јавни сервиси. Не сакаат најчесто од небулозни причини, а после кога ќе дојдат болни да ги лекувам, се каат, вели доктор Лазаров во изјава за порталот „Слободен печат“. 

Тој додава дека не е во ред здравствените власти на матичните лекари да им ја префрлаат топката за неуспешно спроведената вакцинална кампања.

Вчера со свој став на оваа тема се огласи и доктор Нико Беќаровски кои на колегите од Комисијата за заразни болести и препорача: 

-Ако навистина сакате да стимулирате вакцинација, место понижувачката парична стимулација за матичните лекари, УКИНЕТЕ ЈА ПАРТИЦИПАЦИЈАТА ЗА СИТЕ МЕДИЦИНСКИ УСЛУГИ во 2022 година на СИТЕ ВАКЦИНИРАНИ. (слично како што е за крводарителите), рече тој.