Лекарите апелираат да внимавате со сезонското овошје и зеленчук, АХВ потврдуваат дека фудбалерите се затруле од салата полна со фекалии

Салатата која во саботата ја косумирале фудбалерите на Пелистер во велешкиот хотел била причина за нивното труењето.

Како што информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во неа се најдени бактерии од фекално потекло за што потврдиле резултатите од извршените лабораториски испитувања на земените мостри хранa.

Земени се брисеви и од работните површини, како и приборот и опремата и од вработените во кујната и келнерите во хотелот во Велес, каде во саботата поради симптоми на труење со храна беа хоспитализирани 12 лица, фудбалери на ФК Пелистер од Битола.

– Со извршените лабораториски испитувања, утврдено е дека кај земените мостри храна (салати од морков, зелка и цвекло) има присуство на бактерии од фекално потекло – индикатор на фекална контаминација. Испитаните мостри согласно извршените лабораториски испитувања одговараат на микробиолошките критериуми за безбедност на храната, но не и на хигиената на производствениот процес-велат од АХВ.

Според нив кај останатите земени мостри  како што е кечап, шпагети, лепче, пилешки стек и бистра супа не се констатирани отстапувања во поглед на безбедносните и хигиенските критериуми за храната.

Исто така со лабораторските испитувања на земените брисеви од работните површини, приборот и опремата која се користела во кујната, не се констатирани отстапувања, што укажува на задоволително ниво на хигиена.

-По извршениот вонреден санитарно – хигиенски преглед кај 34 лица вработени во кујната и келнери во хотелот, сите со уредни санитарни книшки при вонредната инспекциска контрола, кај 7 се изолирани бактерии во нос и грло. Наредено е тие веднаш да бидат отстранети од работа и да почнат со лекување- реагираат од Агенцијата.

Врз основа на дадените наредби од инспекциските служби на Агенцијата, извршена е вонредна дезинфекција на кујната, а во текот на утрешниот ден, од страна на инспекциските служби на Агенцијата, Центарот за јавно здравје и од Санитарно здравствениот инспекторат ќе биде извршен повторен увид и земање на контролни брисеви во кујната на велешкиот хотел која е времено затворена. Таа ќе биде пуштена во употреба по добивање на задоволителен лабораториски наод.