Наше Бардовци не било од секогаш тука. Селото, чии улици со начичкани куќи од една страна се стасани дури до Лепенец, а од другата на дофат на Скопје, е меѓу ретките од кои нема иселување, туку постојано доселување, па денес брои околу 2000 жители.

Она што го прави Бардовци атрактивно место за живеење, доволно далеку, а толку блиску до градскиот живот, на само четиринаесет километри од центарот, е еколошки чистата и здрава средина со пријатна клима што е резултат на местоположбата на селото распослано под Зајчев Рид.

Условена од протокот на свеж и чист воздух од двете клисури на реките Вардар и Лепенец, Вардарската и Качаничката и изобилството од вода и плодна земја.

Од дамнина било познато на сите во потрага по здравје, та не случајно низ вековите Бардовци го бирале за место на свое постојано живеалиште или градба на летниковец.

Раскошните Конаци на Х’взи паша

Се прераскажува, за време Турско, кога Х’взи паша дошол да владее со скопскиот пашалак, пред да одбере место за својот чифлик, за Ѓурѓовден на повеќе места во скопската котлина оставил заклано јагне закачено на дрво. По една недела ги обиколил сите места каде што поставил курбан и само тука, каде што е сегашниот Конак, месото не било скапано. Струењето, тој ветер и таа чистота на воздухот, била пресудна пашата токму тука, на површина од три хектари, да го подигне својот грандиозен Конак по кој и денес е познато нашето село и кој привлекува внимание од посетители.

И подвлекува дека токму од истите причини и старото селско јадро на Бардовци било изградено таму, над Конакот, за потоа да биде принудно раселено под и околу Конакот по строга наредба на Х’взи паша.

Чашата се прелила за еден Митровден, кога, како за беља, селаните решиле сите заедно да ги заколат свињите и да стопат маст. Ветерот толку дувал кон Конаците што утрото, Х’взи паша разгневен од свежото свинско заклано, ги иселил чифчиите од оваа страна на Конакот. Од неговите пак, тогаш изречени зборови: “барем брдо овци да колевте…“, со текот на времето се извело и името – Бардовци!

Преданијата велат, дека народот видел многу мака додека Конакот, кој е денес заборавен дел од една историја и едно дамнешно поинакво време, се градел. Каменот се носел дури отаде Орман, од местото викано Црн Камен, до денешниот рудник Бањани, рака на рака во синџир живи луѓе долг седум-осум километри. Денови, месеци, кој знае колку време. Трите хектари чифлик биле обградени со дебел бедем и со осум кули ѕидани.

Точното време на градбата не е познато, но веројатно се работи за период меѓу 1830 и 1845 година, кога Х’взи паша како газда на тогашниот скопски пашалак, стекнува огромно богатство и моќ. По својата големина, содржина и обработка, комплексот Бардовски конаци претставува врвен дострел на балканската профана архитектура, една од најраскошните и најмонументални градби на Отоманската профана архитектура од првата половина на 19 век. И денес од постарите староседелци на Бардовци можете да ги чуете приказните дека Х’взи паша имал девет жени (во турските дефтери се забележани само 4), булук деца, преку 30 робинки што го опслужувале него и неговите заптии, дека бил правичен кон тукашниот народ и благ кон своите чифчии, поради што во едновековното владеење на неговото семејство луѓето не виделе зулуми.

 Х’взи паша, бил единствениот кој донирал пари да се подигне првата мала црквичка во Бардовци, на чие место многу години подоцна е изградена сегашната црква „Света Тројца“. Тоа го направил по убедување на некои Турци за да може една од неговите болни ќерки кои имала потешкотии со одењето да оздрави, што и се случило, како што останало да се пренесува од мештаните. Дотогаш во селото не само што немало црква, туку немало ни обично светилиште!

Бисерот „Света Тројица“

Без да ги прашате, мештаните сами ќе ви кажат дека најубавиот бисер на селото Бардовци е црквата „Света Тројца“. Кога ќе се искачите на угорнината од центарот на селото се појавува жива уметничка слика на модерна црква во густо зеленило од дрва, во средината фонтана со рипчиња и стар бунар, опкужена крстилница, со конаци со благопријатни услови за гости. За верниците црквата е отворена во секое време. Набргу тука ќе биде изградена и Капела.

Црквата била осветена во 1925 година. Во неа се зачувани записи на две мермерни плочи. Од натписот на самиот влез на црквата пак може да се прочита дека храмот посветен на Света Тројца бил разрушен за време на катастрофалниот земјотрес од 1963 година и возобновен со доброволни прилози од мештаните на село Бардовци, а е осветен од неговото блаженство архиепископ охридски и македонски Доситеј на 3 октомври 1976 година.

Она што е интересно е дека кум во 2014 година бил Дитер Клеес, Германец, кој дваесетина години живее во Бардовци, кој самоиницијативно се пријавил и станал кум на црквата, иако е католик. Кум на црквата за 2015 година е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски кој оваа година, на 19 јуни ќе го предаде кумството на друг кој со должна почит ќе ја продолжи традицијата на чествување на Отецот, Синот и Светиот дух во бардовската црква „Света Тројица“.