ЛДП: Покрај унифицирани регистарски таблички, потребни се и санкции за оние што ги злоупотребуваат службените возила

Либерално-демократската партија (ЛДП), преку соопштение посочи дека уште минатата година тие како партија предложиле сите службени возила да бидат видливо и јасно обележани со иста боја, како мерка за зголемување на транспарентноста и одговорното користење на јавните ресурси. Од партијата додаваат дека сите сме биле сведоци на разни злоупотреби на службените возила од страна на избраните државни и јавни функционери за приватни потреби во минатото.

„Оттука ја поздравуваме одлучноста на Владата за прифаќање на нашиот предлог.За ЛДП, овој чекор претставува позитивен пример за тоа како добрите предлози и идеи кои се во интерес на граѓаните и државата треба да бидат прифатени и имплементирани од сите релевантни чинители.

Воедно, упатуваме апел до сите надлежни институции за побрзо завршување на постапката за воведување на оваа мерка, која доколку се спроведе и успешно реализира, веруваме дека ќе доведе до значително намалување на злоупотребата и поголема совесност на оние функционери кои имаат право на користење на возилата, спречување на нивна злоупотреба за приватни цели, зголемена доверба на граѓаните, преку видливост и отчетност на јавните ресурси, усогласеност на институциите во однос на транспарентноста и рационализацијата“, соопшти ЛДП.