Лажни пријатели: Седум видови кои треба да ги препознавате

 

 

Лажните пријатели најпрво нè заслепуваат со својот шарм и љубезно внимание, но по некое време ја гледаме и другата страна на незаинтересираната личност која се труди да ни наштети.

Постојат профили и типови луѓе кои треба да знаеме да ги препознаеме што е можно порано, за добросостојбата на нашето емоционално здравје. Се вели дека пријателството е една од најважните работи во нашиот живот. Но, многу често во нашите животи има примери кои се вообичаени во општествен контекст, луѓе за кои интересот и себичноста се маскираат под сјајот на најдоброто пријателство. И паѓаме во таа замка, затоа што не се ни сомневаме дека некој би можел да го користи нашето пријателство. И кога тоа ќе се случи, се разочаруваме, но сфаќаме дека ние сме имале лажен пријател со кого мораме да се разделиме за да го зачуваме нашето здравје и достоинство. 

Видови лажни пријатели:

Оној кој само сака да се качува на општествената скала

Еден од првите лажни пријатели на кои налетуваме во животот е „пријателот“ кој има само една амбиција, а тоа е да се качува на општествената скала и притоа не се грижи околу тоа како ќе го направи тоа. Тоа е тип на личност која создава пријателски врски само со една цел: да стекне што е повеќе моќ во општеството. Ликови кои немаат проблем да манипулираат и да ги направат сите работи за да си ја постигнат целта.

Оној кој е присутен во добрите моменти, а невидлив во негативните

Многумина од нас се соочиле со вакви пријатели. Луѓе кои се секогаш со нас кога имаме добри и успешни периоди, но кога ќе се соочиме со тешкотија, едноставно исчезнуваат.

Оној кој бара грешки и осудува

Најздрави пријателства се оние каде можеме да се чувствуваме добро и сигурно и знаеме дека нема да нè осудуваат или критикуваат и дека ќе се чувствуваме добро откако сме поминале неколку часа со тие пријатели. Но, ова не се случува со лажните пријатели: по дружењето со нив, обично се враќате дома во многу полошо расположение. Овие луѓе постојано бараат грешки, ја истакнуваат секоја ваша грешка и ве осудуваат и емоционално ве исцрпуваат. 

Оној кој чувствува завист 

„Ти правиш сè како што треба“, „Не ти е тешко како мене“, „Секогаш имаш многу среќа“... Овие и други фрази ги повторуваат пријатели кои ни завидуваат. Тие имаат ниска самодоверба, и имаат нездрави и негативни интеракции со луѓето околу нив.

Оној кој сака да ви е добро, но не и подобро од него

Вистинските пријатели секогаш ќе се радуваат кога ќе се надминеме себеси и ќе ги постигнеме нашите цели. Но, лажните пријатели ќе се чувствуваат удобно со нас само ако не ги „надминеме“ (барем според нивните замисли). Секоја трошка успех која сметаат дека е поголема од нивната прави да бидат негативни и намуртени кон вас. 

Оној кој се натпреварува со вас

Ако купите мобилен, тој ќе сака да купи подобар. Ако се запишете во теретана, таа ќе го направи истото. Нивната цел е да бидат подобри од вас во она што го правите и да имаат поголем успех во истата работа што ја правите. 

Манипулативниот пријател

Манипулативниот пријател е човек кој многу дискретно си ги мести коцките и се обидува да ги тегне конците за да играме онака како што тој сака. Ако треба ќе се служи и со глумење жртва, емоционални уцени и измами, само за да го добие она што го сака. 

Навремено утврдувајте ги овие шаблони на однесување и реагирајте, затоа што ваквите пријателства на долг рок можат да бидат штетни за вас.