Лазаров за Локално: Меѓувладината седница во Софија покажува дека работите повеќе нема да бидат ставани под тепих

Македонско бугарската стопанска комора  е еден од  учесниците кои на оперативно ниво ќе бидат вклучени во процесот на враќање на дијалогот меѓу двете држави. Во продолжение, го пренесуваме интервјуто на Кирил Лазаров, за медиумот „Локално“.

Ве молиме за ваш коментар во врска со меѓувладината седница која се одржа 25.01.2022 г во Софија.

Меѓувладината седница е резултат и потврда на заложбите целиот процес да се одвива збрзано и преставува позитивна основа за враќање на довербата и дијалогот. Во светло на решавање на спорните прашања би рекол дека оваа седница е логична бидејќи после средбата на премиерите Петков и Ковачевски излегоа со заклучоци дека пристапуваат кон суштинско решавање на проблемот и ќе применат тактика на дефининирање на задачите на работните групи и реализирање на динамиката која е договорена. Тоа покажува дека повеќе нема да бидат работите ставани под тепих и оставени само на декларативни заложби и зборови туку дека се има искрена намера да се конкретизираат и реализираат сите отворени прашања, од економска па се до културна платформа.

 

Дали Вие или претставник на Комората е веќе дел од работните групи формирани од Владата и дали ке бидете присутен на средбата?

Да немаме дилеми, Владата формираше работни групи кои ќе бидат преставени од институциите на стратешкo ниво, а на оперативното ниво, секако дека како комора ќе бидеме вклучени како дел  од процесот. Имаме најави за наше активно учество се со цел димензионирање на задачите во нашиот делокруг на работа и обврски кои гравитираат во економијата и инвестициите. Се ставаме во комплетна функција сите чинители на комората се со цел да дадеме активен придонес во дијалогот и задачите. 

Какви се очекувањата на македонско-бугарската стопанска комора од ваквата седница? Имате ли чувство дека економијата како дел од фокусот во релациите Македонија-Бугарија, брзо ке даде позитивни ефекти? 

Нашите очекувања се потпираат на рационални и паргматични основи и се базираат низ призма на бројки и статистики. Една работа стана јасна целиот овој период, а тоа е кога имаме блиски, стабилни и пријателски односи со Бугарија, расте трговската размена, туристичката понуда, интересот за инвестирање односно економските односи во целина. Кога има економија има близина, има иднина и убави чувства еден кон друг. Во интервјуто за вашиот ценет портал некаде после Божиќ ја кажав статистиката и кога беше актуелна блокадата од Бугарија и таму се воочува дека таа стагнира, стагнација во економијата создава антагонизам меѓу народите. Затоа и фокусот меѓу релациите на двете држави треба да биде економијата, бидејќи само таа има сила да создаде позитивен ефект во односите и само економијата ќе го пробие патот за полесно изнаоѓање на политичкото решение.

Дали го делите оптимизот со министерот Бектеши дека многу лесно ке се усогласат двете страни во делот на економијата, трговијата, транспортот и енергетиката?

Тоа е реален оптимизам, ние во овие сегменти немаме недоразбирања со Бугарија, туку имаме силен мотив. Бугарија има силен мотив да биде економски доминантно позиционирана во нашата држава, од нивна стратешка гледна точка, но и да ги подобри споствените економски перфоманси бидејќи според нивниот попис, Бугарија има изгубено над 900.000 млади работноспособни луѓе во последните 10 години, кој разбира економија знае колку тоа ќе се одрази на нивниот БДП, и ние имаме силен мотив бидејќи и ние сме кусок со работна сила заради миграциските движења. Ако и двете држави имаат реален мотив да соработуваат економски со проекти кои имаат регионален карактер како што е проектот за коридорот 8, тогаш многу лесно ќе се усолгласиме на темите кои имаат економска платформа
 
Со какви предлози треба да настапи македонската страна? Кои проблеми според вас се приоритетни за решавање?

Во политичкиот дел, Владата на Македонија ги поседува предлозите, црвените линии и резулуцијата во нашето Собрание за заштита на идентитетските и јазичните посебности на нашата држава. Предлозите кои се од економска природа се веќе јавно презентирани и позиционирани од нас како комора, и ќе ги повториме и во оваа прилика. Забрзување на изградбата на коридорот 8 и негово конечно завршување, проект за автопатско поврзување освен предвиденото експресно поврзување од Куманово до граничен премин Деве Баир Бугарија, гасното поврзување од Петрич кон нас преку интерконекторот. Бугарија да го забрза поврзувањето од  нивна страна до грничен премин Клепало кај Берово, бидејќи од наша страна е завршен. И, во периодот што доаѓа, да дефинираме нови инвестиции како што налага новата светска економија, а тоа е инвестиции во обновливи извори на енергија, дигитализација и ИТ индустрија, стратешки земјоделски проекти, туризам и итн. За мене лично приоритет би било проектирање и брза изградба на автопат кон Бугарија. Железницата би била за 5 години од сега, а авионската линија за два месеци од сега. На среден и долг рок заради забрзана економска и туристичка размена  со Бугарија потребна е изградба на еден убав европски автопат.Тоа ќе биде вистинско поврзување помеѓу народите и бизнисмените.