Лазаров дипломира со чиста десетка на Факултетот за физичка култура (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Легендата на македонскиот ракомет, Кирил Лазаров денес дипломира со чиста десетка на Факултетот за физичка култура под менторство на Гино Стрезовски. Лазаров само неколку часа по пласманот на Светското првенство во Германија и Данска и авионскиот лет од Клуж до Скопје, ја бранеше дипломската тема посветена на ракометот.

Имено, капитенот на македонската репрезентација се одлучи за приказ на ракометниот модел во земјите во кои што настапувал: Хрватска, Унгарија, Шпанија и Франција. Најнапред ги образложи принципите на работа, системот кој го користат сите возрасни категории и примената од страна на стручните лица. Исто така го нагласи процесот на селекција на ракометари. Од децениското искуство во странство Лазаров научил многу од голем број тренерски имиња и врвни соиграчи. Во своето излагање Лазаров откри и детали и моменти кои овие школи ги направија вредни за извојување.

Потоа нашиот голем ракометен ас се осврна на македонскиот ракомет и одбра три натпревари на три различни генерации на нашата репрезентација. Најнапред Лазаров го анализираше натпреварот Македонија – Египет на првото Светско првенство на кое Македонија се квалификува, па се наврати на натпреварот за петто место на Европското првенство во Србија против Словенија, а завршни со мечот во јануари оваа година во Загреб пак против Словенија.

Тој детално објасни што ги красеше трите генерации и кои се карактеристиките на инвидуалците и колективот.

На бранењето на дипломската работа Лазаров доби поддршка од скоро цела репрезентација, поранешни соиграчи и тренери, првите луѓе на федерацијата на чело со Живко Мукаетов, пријатели и членови на семејството.

Кирил Лазаров извојува уште една победа, покажувајќи дека капитен не е само на теренот, туку и надвор од него.

Извор: lazarovkiril7.com