Ламбе Алабаковски вечерва во Автокоманда, Лозано ќе пее до полноќ во Кисела Вода

Вечерва во Скопје на две локации ќе има музички настани за граѓаните. 

Со почеток во 19:00 часот на плоштадот во Автокоманда, општина Гази Баба организира музучки хепенинг под мотото "Семејството столб на општеството - Децата иднина на светот".

На музичкиот хепенинг ќе настапи група од детскиот фестивал Поточиња, а за дечињата е подготвено дружење со омилените ликови од цртаните филмови, како и кловнови и други детски аниматори.

Градоначалникот Бобан Стефковски во објава на официјалната страна на фејсбук најави дека естрадниот уметник Ламбе Алабаковски ќе биде гостин на музичкиот хепенинг.

Тој ги покани жителите на општина Гази Баба со своите дечиња да земат учество на хепенингот. 

Општина Кисела Вода, пак, го слави својот роденден. 

Во рамки на „Културно лето 2022“ вечерва во паркот „Шопен“ во Кисела Вода ќе се одржи „Хуманитарна Коријада“ со почеток во 18 часот каде со пеење на омилените народни песни и подготовката на вкусни национални пецива, ќе се собираат средства коишто ќе бидат наменети за хумантарни цели. 

Во паркот „Македонија“ е предвидена следнава програма: 
20:10 часот  - Концерт на чалгиска музика Филип Шурбевски Езгија Квартет
21:00 часот - Концерт на Ефто Пупиноски
22:00-00:00 часот - Концерт на Лозано