„Лајкамобил“ трет мобилен оператор во Македонија

Македонија ќе биде 21-та земја во која „Лајкамобил" ќе работи, објави компанијата на својата интернет страница.

Британскиот виртуелен мобилен оператор „Лајкамобил“ објави дека Македонија ќе стане дел од нивната меѓународна мрежа. Ниски цени и висок квалитет е политиката на оваа компанија.

Цел на новиот телекомуникациски оператор е и поврзување на македонските заедници низ светот, со исклучително поволните понуди за меѓународни повици.

„Лајкамобил“ има повеќе од 15 милиони корисници во 20 земји каде што оперира.

По спојувањето на двете компании во Македонија, „Вип“ и „Оне“ во „Вип“, тие имаа обврска да создадат услови за влез на виртуелен оператор на македонскиот пазар.

„Во тек се подготовки околу реализација на втората фаза, која се однесува на имплементација на техничкото решение, како би можело најдоцна до средина на годината виртуелниот оператор да почне со комерцијална работа“, велат од „Вип“.

„Лајкамобил“ е компанија која е основана во 2006 година. Мрежата на „Лајкамобил“ е присутна во Австралија, Австрија, Белгија, Данска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Хонгконг, САД, Тунис и Велика Британија.