
ЈП Лајка започнува нова кампања за вдомување, посветена на кучињата кои најдолго престојуваат во прифатилиштето и со години чекаат да добијат свој дом.
Во рамки на кампањата е реализирана фотосесија со кучињата кои и покрај тоа што се здрави, социјализирани и подготвени за вдомување, со години остануваат незабележани.
Во наредниот период јавноста ќе има можност преку серија објави да се запознае со секое од нив. Покрај фотографиите, ќе бидат споделени и нивните животни приказни – колку долго престојуваат во прифатилиштето, каков карактер имаат, што сакаат и зошто сè уште немаат семејство.
Од ЈП Лајка велат дека зад секое куче се крие приказна што заслужува да биде слушната и дека нивната долгогодишна грижа во прифатилиштето не ја намалува нивната вредност како идни домашни миленици.
Кучињата што се дел од кампањата со години се под грижа на ЈП Лајка, каде добиваат соодветен третман, секојдневна грижа и социјализација со помош на вработените и волонтерите. Дел од нив веќе учествувале во прошетки и активности, покажувајќи дека се подготвени за живот во семејна средина.
Од прифатилиштето ги повикуваат граѓаните да ги следат и споделуваат објавите, но и да размислат за вдомување, со надеж дека токму оваа кампања ќе им помогне на кучињата кои најдолго чекаат конечно да го пронајдат својот дом.