
Наместо раса, изглед и педигре, во центарот на вниманието ќе бидат љубовта, довербата и приказните за нов почеток. По повод шестгодишнината од своето постоење, ЈП „Лајка“ организира ревија на вдомени кучиња, на која главниот критериум ќе бидат приказните за вдомувањето и промените што ги донело тоа во животот на луѓето и нивните миленици.
Настанот ќе се одржи на 17 октомври 2026 година, во „Мамбо – Авионче“ во Скопје. Од „Лајка“ ги повикуваат сите што имаат вдомено куче да се пријават и заедно со својот миленик да бидат дел од роденденската ревија.
Пријавувањето се врши преку онлајн-формуларот, во кој сопствениците треба да раскажат како се запознале со кучето, зошто го избрале токму него и како вдомувањето им ги променило животите.
Тимот на „Лајка“ ќе ги претвори пристигнатите приказни во кратки претставувања што ќе бидат прочитани пред публиката за време на ревијата.
Можност за учество имаат сите сопственици на вдомени кучиња, без разлика дали миленикот го вдомиле од „Лајка“, друго прифатилиште, здружение или директно од улица.
Стручно жири ќе додели признанија за приказните што најсилно ги отсликуваат вредностите на вдомувањето, довербата, посветеноста и промената што ја носи заедничкиот живот со куче.
„Не славиме бројка, славиме промена“, порачуваат од „Лајка“, најавувајќи роденден во знакот на хуманоста и нераскинливата врска меѓу луѓето и нивните четириножни пријатели.