
Викендов, граѓаните алармираа за појава на многубројна глутница кучиња без ушни маркици на територијата на Општина Карпош.
ЈП Лајка ја известува јавноста дека нивните екипи од утрово се на терен на посочената локација, со цел безбедно и хумано заловување на кучињата, согласно законските процедури и стандардите за благосостојба на животните.
- Само во изминатите два месеци, од истата локација се заловени вкупно 19 кучиња. И покрај тоа, континуирано се соочуваме со појава на нови кучиња на истата територија, што укажува на сериозен сомнеж дека одредени лица или субјекти организирано вршат дислокација на бездомни кучиња во Скопје, наместо да преземат законски и хумани мерки за нивен третман во општините од каде потекнуваат, велат од Лајка.
- Оваа пракса е недозволива, нехумана и опасна - како за самите животни, кои се изложени на стрес, глад и повреди, така и за граѓаните, поради ризикот по јавната безбедност. Истовремено, ваквото постапување директно го саботира системот за контрола на популацијата на бездомни животни и ги обесмислува напорите за стерилизација, вакцинација и одговорно управување, додаваат од јавното претпријатие.
ЈП Лајка апелира до надлежните институции за засилен надзор и санкционирање на ваквите појави, а до граѓаните - да пријавуваат секој сомнителен транспорт или напуштање на кучиња.
Само со заедничка одговорност и почитување на законот можеме да обезбедиме хуман и одржлив пристап кон решавање на проблемот со бездомните кучиња.