ЈП „Лајка“, Општина Гази Баба и ЈКП „Гази Баба 2007“ потпишаа трипартитен Меморандум за соработка со цел подобра координација во справувањето со проблемот со бездомните кучиња.
Според соопштението на „Лајка“, меморандумот треба да овозможи побрза комуникација меѓу институциите, координирани активности на терен и појасно распределени надлежности во согласност со законските обврски. Од јавното претпријатие велат дека ваквата институционална соработка е предуслов за долгорочно намалување на популацијата на бездомните кучиња и создавање побезбедна средина и за граѓаните и за животните.
Меморандумот предвидува заедничко делување во процесите на заловување, ветеринарен третман, стерилизација, вакцинација и понатамошна грижа за кучињата. Според „Лајка“, целта е проблемот да се решава системски, наместо преку поединечни и краткорочни интервенции.

Оваа соработка доаѓа по работната средба одржана кон крајот на јуни, кога беше најавена можноста за ваков меморандум. Тогаш од „Лајка“ ја поздравија посветеноста на Општина Гази Баба, посочувајќи дека редовното сервисирање на обврските кон претпријатието и субвенционирањето на стерилизацијата на домашните миленици се важни чекори во спречувањето на создавање нова популација бездомни кучиња.
Иако меморандумот претставува позитивен чекор кон подобра институционална координација, неговиот успех ќе зависи од тоа дали договорените активности ќе се спроведуваат континуирано и дали ќе донесат видливи резултати на терен – нешто што граѓаните го очекуваат со години.