Лабавите мерки ги олабавија и скопјани: Без дистанца и се повеќе лица без маски

Од неодамна на територијата на целата земја стапи на сила скратениот полициски час, но обврската за носење маски се уште е на сила. Во една од своите изјави министерот за здравство Венко Филипче потенцираше дека причина за олабавување на мерките е намалување на бројот на новозаразени од Ковид 19. Но, тој апелираше до граѓаните да ги почитуваат и понатаму препораките за заштита на здравјето, да носат маски и да одржуваат физичка дистанца.

Министерството за внатрешни работи утрово информираше дека во текот на изминатото деноноќие (14/15.05.2021) пак, на територијата на Република Северна Македонија, за мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 396 прекршоци.  Но и покрај големиот број на изречени санкции, се чини дека сликата на улиците во Скопје е поинаква. Олабавените мерки и намалениот полициски час ги олабавија и навиките на граѓаните, па тие доминантно се вратија на старите навики и на живот без маски.

Дел од здравствените експерти ширум светот сугерираат дека не е неопходно носење на заштитна маска на отворен простор и во природа, но правната регулатива во Македонија се уште ја дефинира маската како задолжително, дури и во паркови и на отворено.

Казната за избегнување на оваа обврска во моментов изнесува 20 евра, а доколку ја платите во рок од 7 дена таа е 10 евра. Веројатно, полесно е да се шеташ и да дишеш слободно, отколку да платиш 600 денари пред надлежните државни органи.

На самиот крај се поставува најважното прашање: Нова реалност или стара неодговорност: Скопјани се вратија на живот на маски. Целата фотогалерија на Скопје Инфо може да ја погледнете тука.