„Ла Тераца“ концесионер на комплексот „Македонско село“

Комплексот „Македонско село“, по речиси седумгодишна пауза повторно ќе ги отвори вратите. Официјално, вчера беше потпишана одлуката за избор на концесионер кој ќе го оживее овој уникатен туристички комплекс. Фирмата „Ла тераца“ ќе го обнови ваквиот комплекс.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, ја потпиша одлуката по спроведена електронска аукција преку системот на Министерството за финансии. Тој нагласи дека постапката била законска, транспарентна и во целосна согласност со критериумите за концесија.

„На последниот оглас имаше пријавено две компании од кои едната компанија имаше комплетно за целиот објект, другата компанија само за еден дел. Цената која е постигната е околу 210 илјади денари месечна закупнина. Објектот би требало да започне со функционирање некаде почетокот на јуни месец, а закупецот, односно концесионерот ќе треба да отпочне со плаќање на закупнина од септември. Даваме некој одреден грејс период на луѓето за да можат да го реновираат, реставрираат, бидејќи по огласот се она што ќе го инвестираат останува во сопственост на државата. Концесионерот е фирмата Ла Тераца, се занимава со туризам и угостителство и концесијата ќе биде потпишана на 15 години“ , кажа Томовски,

Комплексот „Македонско село“, кој содржи 12 автентични куќи што претставуваат различни региони од Македонија, во минатото служеше како спој на културна промоција, занаетчиство, угостителство и хотелско сместување. Во рамки на куќите има простории наменети за занаетчии, традиционални ресторани и сместувачки капацитети. Ваквите знаменистости го прават овој локалитет исклучителен за промоција на македонското културно наследство.

Од неговото затворање, СОЗР продолжи редовно да ги покрива трошоците за обезбедување и осигурување, притоа создавајќи финансиски загуби од над 300.000 евра.