Квалификуван кадар има, но никој не сака да работи за малку пари

Работодавачите постојано се жалат дека недостигаат квалификувани работници.

Во Агенцијата за вработување има повеќе невработени отколку што се нудат работни места, но ако се погледнат огласите за работа, може да се забележи дека често се нуди минимална плата за доктори или за инженери.

Недостигаат квалификувани работници во Македонија или недостигаат квалификувани работници за мали пари? Работодавачите постојано се жалат дека не можат да најдат квалификувани работници. Работниците, пак, велат дека не им се исплати да кинат чевли за 12 илјади денари.

Според Агенцијата за вработување, во Македонија има над 185 илјади невработени, од кои над 95 илјади луѓе активно бараат работа. Од друга страна, има над 9.800 активни огласи за вработување.