„Кузман“ се обновува по највисоки светски стандарди: Ќе може да работи како хостел, а „ако некој внатре запали цигара, ќе биде избањат“

Следниот семестар студентите ќе можат да се вратат во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, кој, веќе четири години, не им е достапен за сместување. Такви се очекувањата на Министерството за образование и на претставниците на Европската унија кои заеднички обезбедија средства за обнова на студентскиот дом, од темелите до покривот. Оптимист дека до крајот на оваа година целосно ќе заврши обновата и модернизирањето на домот е и „Страбаг“, изведувачот на градежните работи.

Од таму со гордост кажуваат дека со реновирањето на „Кузман“ првпат кај нас еден студентски дом ќе биде обновен по највисоки светски стандарди.

„Ако некој запали цигара внатре, во истиот момент ќе биде избањат“, велат од „Страбаг“ за „Макфакс“ и нагласуваат дека во домот не се реновирани само фасадата и покривот, она што се гледа однадвор, туку станува збор за целосна реконструкција со модерни безбедносни системи за пожар и за други непогоди.

Детектори за чад се вградени во сите простории во домот, па пушењето ќе биде најстрого забрането, а секое прекршување ќе се казнува.

Градежните активности за обнова на „Кузман“ се почнати во 2024 година, период во кој целосно е сменет ликот на домот. Мемлосаните и полураспаднати соби веќе имаат сосема нов изглед. За да се испочитуваат европските правила и да се крене квалитетот на живот на студентите, сите соби се еднокреветни. Тоа довело до преполовување на капацитетот на домот, но, од друга страна, овозможува тој да функционира како хостел во периодот кога студентите ќе си заминат. Тоалетите, како и досега, ќе бидат заеднички, заеднички ќе бидат и читалните или собите за одмор и дружење, а на секој втор кат ќе имаат и чајни кујни.

Котелот за системот за греење во Домот, кој секоја зима го труеше центарот на Скопје, е исчистен и запечатен. Нема да се употребува оти повеќе од половина век откога е изграден, домот е поврзан на градското парно. Во собите нема да има радијатори, а греењето и ладењето ќе биде со фенколери. Студентите сами ќе ја регулираат температурата во собите и ќе имаат можност, кога ќе излегуваат, да го исклучат греењето или ладењето за заштеда на енергија. Вградена е енергетски ефикасна фасада, а такви се и прозорците. За заштеда на енергија, системот за ладење и греење ќе се гаси ако се отворени прозорците или вратите, а за домот да се доближи уште повеќе до нулта потрошувачка, на покривот се инсталирани фотоволтаици кои ќе покриваат дел од потрошувачката на струја.

Очекувањата се потрошувачката на струја да се намали за 56%, а испуштањето јаглерод диоксид да се намали за 49%. Токму постигнувањето на овие цели е причината Европската Унија да одобри грант за обнова на студентските домови во висина од 21 милион евра, развојната банка „КфВ“ (KfW) од Франкфурт да ни одобри заем од 60 милиони евра, а Министерството за образование да обезбеди 3,85 милиони евра. Со вкупно 85,56 милиони евра е предвидено, покрај студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“, кои се во завршна фаза, да се реновираат уште седум државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден дом за средношколци во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес.

„Ова е темелна рехабилитација — сè се обновува, од конструкцијата до системите, кои трошат енергија — и токму затоа намалувањето на потребата за енергија е околу 56 отсто по дом, а не десет или петнаесет. Четири згради одат чекор понатаму, близу до NZEB стандардот, со проектантска поддршка од Фраунхофер институтот.“, вели Роберт Шарламанов од КфВ – Скопје.

Обновата на студентските домови и ресурсните центри е дел од проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во Северна Македонија“, кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) за Западен Балкан и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Стефано Елеро, шеф на секторот за соработка, при Делегацијата на Европската Унија во земјава, смета дека ваквите проекти се нашиот пат кон Унијата.