Куновска до кандидатите за градоначалници: Или да седнеме и да најдеме решение за паркингот за станарите на „Максим Горки“, или цела улица ќе ги бојкотира изборите

Актерката и поранешен пратеник и поранешен член во Советот на Град Скопје, Софија Куновска упати повик до кандидатите за градоначалник на Скопје и Центар: Орце Георгиевски, Каја Шукова, Мирослав Лабудовиќ и Горан Герасимовски да се изнајде решение за паркингот за станарите на улицата Максим Горки во центарот на Скопје.

„Два мандати од нас баравте да пишуваме петиции и не уверувавте дека за станарите на улица Максим Горки ќе се изнајде решение за паркирање за резиденти. На било која друга улица резервирана за резиденти за 5 минути доаѓа пајак и го решава проблемот ако паркирате а не сте резидент. На нашата улица ако излезете наутро во 8 на пример да однесете дете во градинка, се враќате за 20 минути, но ќе паркирате најмалку после 60-80 минути чекајќи да се ослободи место. Навечер кога доаѓаат посетители на плоштадот е уште поголема драма. Ова е навистина веќе неиздржливо“, се жали Куновска во објава на Фејсбук.

Куновска во објавата ги покани во ден кој нив им одговара на, како што вели, едно утринско кафе за да се обидат заедно да паркираат за да разберат што жителите на оваа улица зборувале цела една деценија. Во спротивно, рече, цела улица здружено ќе ги бојкотира престојните избори.

„Одберете ден и време и пишете ни во коментар. Ве очекуваме“, им порача Куновска.