Културниот дом во село Кучково ќе добие нов изглед

Започна комплетната реконсрукција на културниот дом во селото Кучково, општина Ѓорче Петров.

Обнова на домот ќе опфати поставување на армирани бетонски платна во подрумскиот дел, изработени се нови нисечки столбови, а деновиве ќе започнат работите на новата кровна конструкција. Се планира на целосната обнова да се работи наредниве 90 дена.

Ќе бидат изградени: канцеларија за месната заедница, сала за одржување на културни настани и средби на граѓаните и ќе се изградат нови санитарни чворови. Ќе бидат поставени нови ПВЦ прозори и врати и енергетско ефикасна фасада.

Овој културен дом кој е лоциран на сред село е изграден во далечната 1969 година од мештаните на село Кучково. Со миграцијата на населението во населбата Ѓорче Петров, домот се поретко се користеше. Но годиниве наназад многумина кучковци но и други граѓани изградија викенд куќи, а не ретки се и реконструкции на старите куќи, изградени од камен и плитар. Со тоа се зголеми и потребата за реконструкција на овој дом кој во 2005 година претрпе големи штети од пожар предизвикан од неисправна електрична инсталација.

Мештаните, околу педесетина кои стално се населени во Кучково, со нетрпение ја очекуваат обновата на културниот дом со што ќе овозможи организирање на културни настани и во ова село кое се наоѓа на само 10 километри од центарот на Ѓорче или 15 километри од центарот на градот Скопје, а до него води асфалтиран пат. Кучково во последно време стана се поинтересна дестинација за скопјани.