Културен бисер на Скопје - Ќе го дадеме ли МКЦ во неискусни раце?

Разрешувањето на директорот на Младинскиот Културен Центар во Скопје Ванчо Богоев кој 36 години е дел од институцијата и неговото заменување со нов директор – детектив по професија наиде на бурни критики пред сѐ кај вработените, но и кај многумина кои ја ценат и поддржуваат работата на оваа институција.

Рекациите се бројни, а нивната главна цел е да се каже гласно „стоп“ на мешањето на политиката во културата која за жал поради околностите исчезнува во нашето општество.

МКЦ е препознатлива културна установа, бисер на Скопје. Ќе го „дадеме“ ли така лесно во неискусни раце?

 -Зошто секое најмало цивилизирано културно место мора да биде партиски и/или политички уништено, се прашува една млада скопјанка

. -На кое ниво ни падна градот убав: МКЦ - еден од бисерите на Скопје - едвај да преживува со смешно низок буџет и свесно да го уништува власта со нејзините налудничави игри и его трипови, а казина, кладилници и модерни лихви цветаат на секое ќоше и масивно се рекламираат. И таа иста власт не мрда ни со прст нешто да направи за ова. Важно в.д. на МКЦ што си ја работел работата им бодел очи, вели една скопјанка.

-Еднаш мора да започне големото СТОП за погубната политизација на културата и образованието на Скопје и Македонија. Молиме да ни се дадат на увид сите комуникации помеѓу страните оти Домот МКЦ е наш - на Младите на културата. Иако некои веќе не сме многу млади, духот ни е таков па припаѓаме на таа екипа. Молиме и Био на предложениот нов вд, да го видиме кој е и шо знае да работи. Дали свирел, глумел, танцувал или сликал или пишувал. Дали има наша лиценца за работа, вели еден вработен во МКЦ.

МКЦ во јавноста е познат како организатор и реализатор на низа значајни меѓународни и државни фестивали, натпревари, изложби, претстави, концерти, предавања и слични настани од областа на културата. Покрај сопствената годишна програма, која вклучува повеќе од 200 настани (изложби, театарски претстави, промоции, работилници, концерти, дебати, филмски проекции) како и работата и настапите во странство на Женскиот младински хор и Мандолинскиот оркестар, поттикнување на творештвото на најмалдите во рамките на Детскиот креативен центар, едукативните и истражувачки активности на единствениот Планетариум, МКЦ работи и како сервис на многубројни невладини организации и индивидуални уметници од сферата.

Покрај засебните настани, МКЦ стои зад организацијата, планирањето и комплетната реализација на три меѓународни фестивали и манифестации – Меѓународниот театарски фестивал МОТ, Фестивалот на европски филм CINEDAYS, како и Фестивалот на нова музика ЗДРАВО МЛАДИ.